Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев веднаш по лидерската средба, којашто се одржа во резиденцијата на претседателот на државата Стево Пендаровски, даде изјава за медиумите што ви ја пренесуваме во целост.
„Почитувани претставници на медиумите, Почитувани граѓани,
Прво да ја поздравиме иницијативата на Претседателот на државата. Свикана беше со единствена точка и со право ние да дополниме точки, единствена точка за која беше свикана и после беше прва точка на дневен ред, е дискусија околу лидерството на државата во функција на нашата иднина по разочарувањето или историската грешка којашто пристигна од Брисел. Утврдивме едногласен став евроатлантските интеграции се конечна наша цел, остануваме сите посветени на евроатлантските интеграции, не прифаќаме никаков вид на замена за евроатлантските интеграции заради тоа што граѓаните тоа што го очекуваат од нас европските вредности да ги донесеме овде, да ги живееме сите и остануваат како аспирации да го разубедиме Брисел дека процесот на проширување може да претрпи одредени модификации во делот на она што беше дискутирано како методологија на пристапните преговори или слично. Но, ние очекуваме полноправно членство во Европската Унија односно веќе на следната можност, кога ќе се собере Европскиот совет да донесе одлука секако за добивање на почеток на преговорите на Република Северна Македонија со Европската Унија. Ја поздравувам одлуката и треба граѓаните да знаат дека остануваме на патот којшто носи демократија, којшто носи повеќе вредности, којшто носи европски вредности, владеење на правото, севкупни човекови слободи и права, односно да бидеме исти со правата, животот којшто го живеат граѓаните од земјите-членки на Европската Унија.
Втората точка, која што се наметна од сите присутни беше да се разговара за определување на датум за предвремени парламентарни избори. Имавме дискусија сите, имав чест како Премиер, којшто повика на брзи Парламентарни избори да го дадам предлогот. Нашиот предлог беше 22 или 29 декември да одиме веднаш на избори, заради тоа што на тој начин брзо, во еден период кога не се случува нешто драматично, би можеле да го завршиме избирачкиот процес. Народот да си ја каже својата определба, по кој пат се движи државата, а притоа да очекуваме Шпанија во декември или јануари да направи Ратификација на Протоколот од НАТО, а ние да имаме веќе функционален Парламент, којшто на крајот откако ќе ратификуваат сите 29 земји-членки останува нашиот Парламент да го ратификува Протоколот од НАТО, да го депонираме во Вашингтон и со тоа Република Северна Македонија станува членка на НАТО. Имаше реакции од присутните. Најголемата опозициска партија коментираше дека во таков случај нема 100 дена Влада, дека би требало да се разгледаат и други опции и потоа ги разгледавме опциите март 22-ри, 29-ти март, 12-ти април, 19-ти април и понатаму во април. Утврдивме дека 12-ти април е важен, заради тоа што на пример, православен Велигден е на 19-ти април, тогаш почнуваат и постите за нашите сограѓани од муслиманска вероисповед. Би требало пред празниците големи, во којшто најголем дел од нашето население ги празнува, дали се Христијаните православни, или граѓаните од муслиманска вероисповед утврдивме дека 12-ти април е датумот кога ќе се одржат изборите. Тоа значи, постигнавме консензус, сите сме согласни, на 12-ти април, нека им е со среќа на сите граѓани, нека е со среќа на нашата земја, верувам дека на 12-ти април граѓаните мудро ќе донесат одлука, на којашто одлука ќе го трасираат патот по којшто ние политичарите, којшто ќе добиеме поддршка од граѓаните ќе ја водиме нашата земја и нашиот народ“.