Премиерот Заев за емисијата „360 степени“: Ние нема да прифатиме друга дебата освен таа за унапредување на пристапниот процес за членство во ЕУ

Во интервјуто за емисијата „360 степени“, на прашањето како го коментира размислувањето на претседателот на Франција Макрон дека треба да земе предвид дека на некои од земјите кандидати за членство во ЕУ, наместо тоа може да им се понуди стратешко партнерство, претседателот на Владата на Република Северна Македонија истакна дека за нашата земја нема друга алтернатива освен полноправно членство во ЕУ.

„Ние нема да прифатиме друга дебата како на пример таа за стратешко партнерство, а не за членство. Можеме да учествуваме и сакаме да учествуваме во дебата за унапредување на пристапниот процес. Ние и самите тоа го правевме низ нашите процеси, низ процесите за ЕУ интеграции на другите земји од регионот. Големи се искуствата како придонес за дебата за методологијата за  пристапување и од процесите како што е Берлинскиот каде што многу активно партиципираме. Зошто не е прифатлива идејата на претседателот Макрон? Ние ќе поминеме сигурно седум до осум години во процесот на преговори по поглавја. Тоа значи дека ќе станеме полноправна членка на ЕУ откако ќе се реформираме внатре, а за тоa ќе ни помогне пристапниот процес и затворањето на поглавјата“, нагласи премиерот Заев.

Тој додаде дека верува дека францускиот претседател Макрон ќе го прифати ова и ќе испрати охрабрувачки сигнал дека овој процес треба да го започнеме така како што досега е договарано.

„Тој сигнал не ми треба мене. Тоа ќе биде сигнал за нашиот народ. За да ја задржиме и да ја одржуваме мотивацијата. Таа мотивација мора да ја задржиме и од поддршката на 27 земји членки на ЕУ кои имаа кристално чист став дека сме заслужиле отворање на преговарачкиот процес низ отворање на поглавјата за пристапување. И Данска и Холандија на крајот се согласија и тоа одговорно го тврдам. ЕУ останува посветена, иако поминува низ оваа дебата и таа треба да си ја решат внатре. И ќе ја решат. Искрено се надевам дека тоа нема да трае до мај“, потенцираше премиерот Заев во интервјуто за емисијата „360 степени“.