Тимови од надлежните инспекторати од централната и локалната власта, засилени со полицијата, ќе ги зајакнат контролите и санкциите за да запре трендот на загадување на воздухот и животната средина

Ќе има силна и жестока реакција на надлежните институции доколку не се почитуваат законските одредби и активните мерки за спречување и заштита од аерозагадувањето, е заклучокот од денешниот работен и координативен состанок на претставници на сите инспекторати и на претставниците на Министерството за внатрешни работи, Министерството за животна средина и просторно планирање, на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и на претставници на инспекторските служби на локалните самоуправи за преземање и координирање на активностите за борба и спречување на аерозагадувањето.

 

 

„Се договоривме сите инспекторати, соодветно на своите надлежности да ги зајакнат максимално контролите на сите што загадуваат или што имаат потенцијал да загадуваат, и, заедно со локалната самоуправа, односно со општинските инспекторати за животна средина да формираат заеднички тимови и во секој од тие тимови да има полициски службеник. Овие тимови имаат задача во наредниот период секојдневно и континуирано и ригорозно да ги спроведуваат контролите во сите градови во државата, со цел да биде запрен трендот на загадување на воздухот, на палење на шуми, на палење на отпад, на депонирање на отпад и палење на диви депонии. Целиот процес ќе се координира од Канцеларијата на Претседателот на Владата каде што секој ден ќе се слеваат извештаи за состојбите и за резултатите од мерките што биле преземени, и ќе се координираат сите итни и идни мерки во зависност од развојот на ситуацијата на теренот“, истакна во изјавата за медиумите министерот Оливер Спасовски, кој претседаваше со работата на денешниот координативен состанок за борба против загадувањето на воздухот, и додаде дека освен краткорочните мерки и засилени контроли на инспекторите, продолжува и спроведувањето на долгорочните мерки, како што се гасификацијата, пристапот и приклучувањето дотопловодните системи за греење, замената на греењето со фосилни горива со клима инвертери со програма за субвенционирање на оваа, како и на други мерки како што е субвенционирањето на вградување на плински уреди во моторните возила.

На работниот координативен состанок на претставници на сите инспекторати и на претставниците на министерствата во Владата надлежни за овие прашања, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, соодветно на алармантноста на состојбите со загадување на воздухот и со неодговорното палење на огновите побара итно мобилизирање на сите надлежни државни инспекторати, пред сѐ на Државниот инспекторат за животна средина, Државниот инспекторат за земјоделство и шумарство и Државниот инспекторат за градежништво, и интензивирање на меѓуресорската соработка и комуникација и обезбедување на 24 часовна покриеност  на инспекторирањето, преку воведување на дежурства и спроведување на вонредни контроли за проверки на  исправноста и функционирањето на филтрите во големите економски оператори.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски во насока на ефикасно спроведување на мерките, на состанокот истакна дека во доменот на надлежности уредени со законите за ловство, за земјоделско земјиште и за шуми, како и во делот на палењето на стрништа и шуми, што исто така влијае врз загадувањето на воздухот, ќе бидат засилени инспекторските контроли на Државниот инспекторат за земјоделство (ДИЗ) и на Државниот инспекторат за шумарство и ловство (ДИШЛ), како и на Шумската полиција

Од ДИЗ досега се поднесени 27 казни на лице место и 3 прекршочни пријави, ДИШЛ има поднесено 6 кривични пријави, а Шумската полиција има поднесено 23 барања за поведување на прекршочни постапки и согласно законот за шуми ќе им се изрече глоба од 1500 до 2000 евра.

Министерот Димковски информираше дека дел од општините веќе започнуваат кампања за бесплатно подигање на стрништата, и апелираше сите општини да се вклучат во тоа, а земјоделците да не ги палат стрништата.