Сите граѓани кои што од денеска ќе купат и ќе вградат уред на погон на течен гас (ТНГ), метан или друг вид на алтернативно гориво во возилата ќе имаат можност да остварат поврат од 50 проценти од трошокот, но не повеќе од 18.000 денари.
Ова го предвидува новата мерка за субвенционирање на граѓаните кои ќе вградат ваков вид на уреди во своите возила, која денеска ја објави министерот за економија Крешник Бектеши.
Министерот информираше дека согласно јавниот повик кој беше објавен вчера, граѓаните ќе може да аплицираат за оваа мерка од денеска.
„Како една од мерките за справување на аерозагадувањето од страна на возилата, како што најавив уште во текот на летото кога беше донесен Законот за моторни возила е субвенционирање на граѓаните кои ќе вградат уреди на течен гас (ТНГ), метан или друг вид на алтернативно гориво во возилата. Со ребалансот на буџетот кој беше изгласан во Собранието минатиот месец за оваа намена беа одвоени 15 милиони денари. По изгласување на ребалансот, Министерството за економија во најкус можен рок ја изготви Програмата за субвенционирање на дел од трошоците за купување и вградување на уред на погон на течен гас (ТНГ), метан или друг вид на алтернативно гориво во возилата. Задоволство ми е да објавам дека вчера го објавивме огласот за субвенционирање на дел од трошоците за вградување на плински уреди во возилата. Според огласот сите граѓани коишто од денеска ќе вградат ваков вид на уреди во своите возила ќе можат да остварат право на поврат од 50 проценти од средствата, но не повеќе од 18.000 денари односно 300 евра, истакна министерот Бектеши.
Како што информираше министерот, за да добијат субвенции, сопствениците на возила произведени од 2005 година па наваму, треба да извршат купување и вградување на уред за погон на ТНГ, метан или друг вид на алтернативно гориво во возилата, по денот на објавување на Јавниот повик, во некој од фирмите кои вршат продажба и вградување на таквите уреди.
„Со така преправеното возило сопственикот треба да се упати во Техничка служба која ќе ја констатира преправката и сопственикот ќе биде упатен во МВР каде треба да се пријави преправката. Во МВР на сопственикот му се издава упатница, која ја доставува до техничката служба, за да биде извршена проверка на сообразноста на направената преправка. Техничката служба го прегледува возилото, изготвува записник и издава потврда за сообразност на вградениот уред (познатa како АТЕСТ) и пропратно писмо. Со Потврдата и писмото, сопственикот се упатува на шалтер на МВР (во техничката служба или станица за технички преглед) каде добива нова сообраќајна дозвола во која е евидентирана преправката односно дека е ммонтиран уред за погон на ТНГ, метан или слично, инфирмираше министерот ид одаде дека постапката од моментот на доѓање во техничката служба до издавњето на новата сообраќајна дозвола не трае повеќе од 2 до 3 дена.
„Со оглед на процедурата за добивање на потврда, односно нова сообраќајна дозвола за возилото со вграден ваков уред, Министерството за економија ги извести сите надлежни институции кои се дел од оваа постапка, дека ќе биде објавен овој оглас, со цел за брзо и навремено спроведување на оваа постапка, со што сите граѓани кои што ќе инсталираат ваков уред ќе можат во предвидениот рок да аплицираат за надоместување на дел од средствата, односно за субвенции. Како и што кажав на почетокот оваа мерка која што произлегува од Законот за моторни возила се однесува на две важни подрачја, а тоа е сообраќајот и екологијата и се плод на барањата на граѓаните, има главна цел да се намали загадувањето на воздухот од страна на возилата, кажа Бектеши.
Огласот ќе трае точно 30 дена од денот на објавувањето и ќе се одвива по принципот „Прв дојден, прв услужен“.
Документација потребна за пријавување:
- пополнето Барање и изјава од подносителот на барањето;
- фискална сметка со сметкопотврда, или фактура;
- копија од сообраќајната дозвола за возилото, заверена на нотар, во која е евидентирана промената;
- фотокопија од лична карта;
- број на трансакциска сметка