Владата на Република Северна Македонија денеска ќе ја одржи редовната 162 седница со повеќе точки на дневен ред од својата програма за работа и од интерес на граѓаните.
На оваа седница, меѓу другото, е Предлог - програма за изменување на Програмата за финансиска поддршка во рибарството и аквакултурата за 2019 година, на предлог на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, кое за оваа седница ќе ја презентира и информацијата со Предлог - програма за изменување и дополнување на програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2019 година.
На денешната седница на Владата ќе се најде и информацијата за координација на активностите за изработка на Среднорочна Стратегија за општествена одговорност на Република Северна Македонија и ќе биде ставена на усвојување на „Среднорочна Стратегија за општествена одговорност на Република Северна Македонија 2019-2023“ со Акциски план.
Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Северна Македонија за оваа седница ја предложи информацијата во врска со изготвувањето на Предлог-националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот, и ќе ја стави на усвојување „Национална стратегија и Акциски план за спроведување за 2020-2022 година“.
Владата на Северна Македонија на оваа своја седница ќе се произнесе по информацијата за прифаќање на организирањето и спроведувањето на вежбата на земјите членки на НАТО за координиран одговор при катастрофи за која идната година домаќин треба да биде Република Северна Македонија.
На редовната 162 седница на Владата ќе се разгледа и информацијата за спроведување на Националната Стратегија за мали и средни претпријатија 2018-2023.