Има интерес за економска соработка меѓу Македонија и Израел, најавено потпишување на Договор за слободна трговија
Меѓу Македонија и Израел постои голем интерес за економска соработка, а со потпишувањето на договорот за слободна трговија се очекува надминување на царинските бариери и на дефицитот во надворешно-трговската размена од македонска страна.
Интерес за соработка има во областа на земјоделството, туризмот, обновливите извори на енергија, медицината и информатичката технологија.
Министерот за економија Ваљон Сарачини денеска пред Годишното собрание на Македонско-израелскиот бизнис клуб изјави дека од македонска страна е покрената иницијатива за потпишување на договорот за слободна трговија со кој се очекува продлабочување на економската соработка меѓу двете држави.
- За нас е многу важно да се елиминираат сите царински бариери за да може нашите производи да бидат полесно достапни на израелскиот пазар. Меѓу двете земји постои голем интерес за економска соработка. Заинтересирани сме за привлекување инвестиции од Израел, особено во делот на енергетската и патната инфраструктура, како и во делот на туризмот, истакна Сарачини.
Тој додаде дека владините мерки и активности се насочени кон тоа да ја направат Македонија атрактивна туристичка дестинација и да се привлечат што повеќе туристи од Израел. За годинава веќе има потпишано договор за привлекување туристи од оваа држава.
Од Македонско-израелскиот бизнис клуб се надеваат дека во иднина ќе се интензивира економската соработка меѓу двете држави. Во плановите за годинава меѓу другото планираат организирање бизнис форуми кои се можност за директни контакти меѓу компаниите.
Извозот на Македонија во Израел е околу еден милион долари, додека увозот на израелски производи во Македонија изнесува 19 милиони долари, односно има дефицит на македонска страна од околу 18 милиони долари.