Заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев и вицепремиерката и министерка за одбрана м-р Радмила Шекеринска се обратија на НАТО индустрискиот ден, настан на кој две НАТО агенции задолжени за реализација на јавните набавки за потребите на Алијансата ги презентираа можностите за компаниите од Република Северна Македонија за учество на тендери кои се спроведуваат.
Вицепремиерот Анѓушев истакна дека нашите компании, станувањето на Република Северна Македонија полноправна членка на НАТО, треба да го препознаат како голема шанса и можност за зголемување на нивните работни активности, преку можноста да учествуваат во ланецот на набавки и ланецот на снабдување со производи за потребите на Алијансата.
„Практично со членството во НАТО се создаде една голема можност компаниите од нашата земја да учествуваат во нивните тендерски постапки и се овозможува на нашите компании да понудат производи кои би можеле да ги испорачат за потребите на НАТО алијансата. Сакам да кажам дека се работи за еден значителен буџет, којшто се мери во милијарди евра, којшто стојат на располагање на нашите компании да учествуваат како и сите други компании во сите други земји членки на НАТО и тоа е голема можност која треба да ја искористиме. Во нашата земја немаме ракетни системи и производство на оружје, но имаме доста производи кои може да бидат понудени, пред се во делот на храната, текстилот, поштата, индустријата, метална индустрија и во делот на пропратните логистички потреби“, потенцира Вицепремиерот Анѓушев.
Вицепремиерката и министерка за одбрана Шекеринска, рече дека со членството во НАТО, се отвора не само воено-политичката врата, туку и економската врата за настап на нашите фирми на многу поширок пазар. Можностите се неограничени, рече министерката, и ги повика фирмите да покажат интерес и квалитетен производ и да ја искористат шансата.
„Државниот приоритет број еден полека станува државен успех број еден. Фактот дека вчера Холандија ја заврши ратификацијата на нашиот НАТО протокол, Франција најверојатно тоа ќе го стори овој месец, а Шпанија по се изгледа добива стабилна влада која ќе овозможи последна ратификација на нашиот протокол за НАТО, покажува дека членството во НАТО не е нешто за што зборуваме, туку станува реален државен успех кој можеме да и го понудиме и на граѓаните, и на нашите сојузници и на реалниот сектор. Ние како држава често велиме дека три децении сме биле во чекалната на НАТО и на ЕУ, но во чекалната беа и нашите компании. Јас, од контактите што ги имаме со некои од компаниите со кои соработуваме, знам дека дел од вас веќе знаат многу за овие НАТО агенции и при првиот обид, кога требало да исполнат квалификации, првата квалификација со која се соочиле била дека фирмата мора да доаѓаат само од земја членка на НАТО. Државата не може да го води вашиот бизнис но државата може да отвори врати и ова што сега се случува, нашето членство во НАТО ќе ја отвори не само воено политичката врата туку и економската врата за нашите фирми да можат да настапат на овој тежок но голем пазар“, посочи Шекеринска.
Министерството за одбрана покажа дека води сметка како ги троши парите и втора година по ред се наоѓа на врвот на институциите по транспарентност и интегритет во јавните набавки, рече министерката Шекеринска и најави дека соработката на министерството со НАТО агенциите ќе помогне во искористувањето на нивната експертиза, за повисока ефикасност во трошењето на зголемените средства за одбраната.
НАТО индустрискиот ден, претставниците на НАТО Агенцијата за поддршка и јавни набавки и на Агенцијата за комуникации и информации им ги презентираа можностите за учество во процесот на јавни набавки на околу 100 компании кои се заинтересирани за соработка со НАТО Алијансата.