Денес и утре, Република Северна Македонија е земја-домаќин на „Министерски Форум за правда и внатрешни работи ЕУ – Западен Балкан“, кој се одржува во Собранието на Република Северна Македонија, под покровителство на Финското претседателство со Советот на Европската Унија.
Покрај министерката за правда, Рената Дескоска, присуствуваат и Еврокомесарката за правда, Вера Јурова, министерката за правда на Финска, Ана-Маја Хенриксон, албанската министерка за правда, Етилда Ѓонај, како и други високи претставници на министерствата од Западен Балкан и европските институции.
Тема на дискусија во делот на Министерскиот Форум за правда се реформите во правосудството во земјите од Западен Балкан, владеењето на правото, условите во затворите и реформите на изборниот систем односно обезбедување на фер и демократски избори.
Пред почетокот на настанот, министерката Дескоска во изјава за медиумите истакна дека целта на овој состанок е уште еднаш да ја потврдиме нашата заложба за евроинтеграција.
„Очекувам истата заложба да биде потврдена и од страна на претставниците на ЕУ за отворање за патот за преговори за нашата држава. Очекувам дека ќе го добиеме уште еднаш признанието за реформите коишто се направени во сферата на правдата коишто беа дадени како признание на последниот состанок“, потенцираше министерката Дескоска.
Во изјавата за медиумите министерката Дескоска истакна дека на сите нам нѝ е јасно дека неотворањето преговори е заради внатрешните дебати коишто ги има во ЕУ, но дека е многу значајно еврокомесарите, финската министерка под чиешто претседателство се одвива овој состанок, како и другите претставници на ЕУ - да го разберат значењето на отворањето на преговори за нашата држава како дополнителен мотив во водењето на реформите во сферата на правдата.
Во одговорите на новинарските прашања, министерката Дескоска потенцираше дека неотворањето на преговорите не е поради забелешки во сферата на правдата или во сферата на внатрешни работи.
„..Сè што беше предвидено како услов за почеток на преговорите е исполнето од наша страна. Особено ако се направи анализа на извештаи коишто оценувале состојба на земји коишто веќе се членки на ЕУ, или веќе се во преговори, многу лесно може да се воочи дека нашиот Извештај е многу подобар од сите тие извештаи. Сметам дека ние како држава не дадовме никаков повод за недонесувањето на одлуката“, потенцираше Дескоска.
Министерката информираше дека на денешниот состанокот со Еврокомесарката Јурова разговарала и за прашањето за ветингот на судиите.