На денешната редовна 166-та седница, Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информација за потребата од донесување на нов Закон за утврдување на правен статус на бесправни објекти, и го задолжи Министерството за транспорт и врски да достави Предлог на Закон за утврдување на правен статус на бесправни објекти до Владата на Република Северна Македонија, во рок од 15 дена од денот на усвојувањето на оваа информација.
Се задолжува Министерството за транспорт и врски во Предлогот на Закон за утврдување на правен статус на бесправни објекти, како предмет на законот да ги опфати бесправните објекти кои ќе претставуваат градежна и функционална целина заклучно до 1 октомври 2019 година, како и бесправните објекти од јавен интерес утврден со закон чии иматели се државни органи или единици на локална самоуправа или правни субјекти основани од Република Северна Македонија односно од единиците на локална самоуправа, кои ќе претставуваат градежна целина, а не и функционална целина до денот на влегување во сила на законот.
Од предлог законот треба да бидат иземени сите видови на бесправни објекти изградени во границите на Охридскиот регион во кој се наоѓа природното и културното наследство запишано во Списокот на светското природно и културно наследство на Конвенцијата на УНЕСКО, утврдени со Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион.
Во Предлогот на Закон за утврдување на правен статус на бесправни објекти треба да се утврди висината на надоместок за уредување на градежно земјиште, решение со кое од плаќање на надоместокот ќе бидат ослободени барателите кои се корисници на парична помош од социјална заштита, други јавни субјекти, како и верските објекти.
На оваа своја седница, Владата го утврди Предлог-законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој - Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за поврзување на локални патишта.
Со средствата во висина од 70 милиони евра ќе се активира проектот за поврзување на локални патишта во 80 општини во Република Северна Македонија со реализација на градежни активности за рехабилитација, реконструкција и надградба на локални патишта и улици со вкупна должина до 450 километри за подобра безбедност и за социјална вклученост со поврзување на оддалечените и загрозените заедници и со зголемување на достапноста на транспортната мрежа на локално ниво.
Министрите во Владата денеска ја усвоија Уредбата за начинот на доделување на договори за набавки на Владата на Република Северна Македонија со влади на странски држави.
Уредбата се изготвуваше во тесна соработка со Министерството за одбрана на Република Северна Македонија, а нејзиното донесување е неопходно од причина што уредува материја која не подлежи на примена на процедуралните правила утврдени во Законот за јавните набавки во областа на одбраната и безбедноста, а станува збор за набавки кои ќе се интензивираат со пристапувањето на Република Северна Македонија во НАТО.
На оваа седница на Владата на Северна Македонија е утврден текстот на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, со одлука да биде доставен на усвојување во Собранието на државата.
Со предложениот закон се врши зголемување на прагот за задолжителна регистрација за целите на данокот на додадена вредност од 1.000.000 денари на 2.000.000 денари, и се пропишува можност даночните обврзници кои се регистрирани за цели на данокот на додадена вредност да имаат право на одбивка на претходен данок со поседување на фискална сметка чиј вкупен промет не надминува 6.000 денари издадена согласно со Закон за регистрирање на готовински плаќања.
Со оваа новина во законот се укинува сметко-потврдата како задолжителен документ придружен со фискална сметка за промет до 6000 денари, со што во голема мерка се заштедува на време, хартија и на административна постапка.
Истовремено, предложениот закон има за цел да овозможи ослободување од плаќање на данок на додадена вредност на добрата кои се увезуваат од страна на воените сили на други држави кои се членки на НАТО.
На предлог на Министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, на денешната седница е усвоена Стратегијата за транспарентност на Владата на Република Северна Македонија за периодот 2019-2021 година, со Акциски план, за унапредување на амбиентот за транспарентност и доверба во работата на институциите во пресрет на интеграцијата на земјата во ЕУ и НАТО.
Владата ја усвои Информацијата и донесе решението за назначување на членови на Националниот совет за сајбер безбедност, и ги задолжи Министерството за информатичко општество и администрација, Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана да назначат членови на Меѓуресорска работна група за стручно-оперативна и логистичка поддршка на Националниот совет за сајбер безбедност, меѓу другото и за да се забрза усогласувањето на прашањата за сајбер безбедност согласно стандардите на НАТО.
Владата на Република Северна Македонија на оваа седница даде согласност за преземање обврски во програмите опфатени со развојниот дел од буџетот, за чие плаќање е потребно користење на буџетски средства во наредните 2020 и 2021 година на Министерството за образование и наука, да отпочне постапката за јавна набавка за склучување на повеќегодишен договор за продолжување со изградба на ООУ „Димитар Македонски“, Општина Аеродром, Скопје, во вкупна вредност од 58.788.000,00 денари.