Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, покрај учеството на Конференцијата на Југоисточна Европа и Источен медитеран „Нови стратегии - нови перспективи“ која се одржува во Вашингтон ДЦ, во организација на Делфи форумот и весникот Катимерини, во попладневните часови оствари средби со Сирил Милер, потпретседателот на групацијата Светска Банка задолжен за Европа и Централна Азија и со Џорџина Бејкер, потпретседателката на Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ задолжена за Европа, Централна Азија, Латинска Америка и Карибите.), со кои разговараше за тековните и идни проекти во Северна Македонија со поддршка на овие две организации.
На средбите во Светска Банка, покрај средбата со потпретседателот Милер, реализиран е и работен состанок со работната група за најдобри светски практики во финансирањето и подигнувањето на конкурентноста, пред се во насока на имплементација на Програмата за иновативност и конкурентност за наредните четири години, а која ќе биде поддржана од Светска Банка.
„Во следните четири години Светска Банка ќе го поддржи економскиот развој во Северна Македонија со повеќе програми во вкупна вредност од околу 420 милиони евра. Една од тие програми е подобрувањето на бизнис околината. Активностите ќе опфатат подобрување на транспортните капацитети, патиштата, модернизација на земјоделството, подобрување на животната средина, а како особено важен сегмент би го издвоил подобрувањето на капацитетот за воведување иновации и подигнување на конкурентноста на македонските компании. Иновациите и подигнувањето на конкурентноста се особено важни за индустријализацијата на нашата земја и се обидуваме програмата на Светска Банка да ја усогласиме со мерките кои веќе се спроведуваат преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите и Програмата за поддршка на микро, малите и средни претпријатија на Фондот за иновации и технолошки развој. Светска банка во декември ќе реализира мисија во Северна Македонија, каде ќе ги финализираме разговорите за усогласување на програмите“, изјави вицепремиерот Анѓушев.
Тој додаде дека на состанокот со потпретседателот на СБ Милер е отворена и тема за учество на оваа организација во Фондот за енергетска ефикасност, кој би се формирал по усвојување на Законот за енергетска ефикасност. Преку овој Фонд би се овозможил пристап до финансиски средства на македонските компании за да енергетски ефикасно ги унапредат своите производствени процеси.
На средбата со потпретседателката на ИФЦ, Џорџина Бејкер, е разговарано за реализација на два значајни проекти: проектот за хидро електраната Чебрен и проектот за поврзување на странските компании со домашни добавувачи.
„Со ИФЦ постигнавме договор и согласност до крајот на декември да се распише тендерска постапка под променети и пазарни услови. ИФЦ веќе долги години има сознанија за овој проект, а очекувам со измените кои заедно со ИФЦ ги работиме изминатите 6 месеци, конечно, по 9 неуспешни тендери да имаме успешен тендер за реализација на овој значаен енергетски проект. Изгледите тоа да се случи се големи, оптимизмот постои и кај Владата на Република Северна Македонија и кај ИФЦ “, нагласи Вицепремиерот Анѓушев по средбите во Светска Банка и ИФЦ.
На маргините на Конференцијата во Вашингтон, вицепремиерот оствари средби со повеќе видни личности од политичкиот и економски живот на САД, помеѓу кои и со поранешниот амбасадор во Северна Македонија и сегашен помошник секретар за европски и евроазиски прашања Филип Рикер со кој разговараа за актуелните политички и економски состојби во земјата.