Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев вечерва се обрати на почетокот на кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“, во организација на УНДП, како дел од одбележувањето на Меѓународниот ден за запирање на насилството на жената.
„Може да слушнеме безброј причини за сторено насилство, но ниту една причина не е доволна за да биде оправдано, кое било насилство. Ова се однесува и за насилството врз жените и девојчињата, што е наш фокус вечерва. Нема оправдување! Заедно сме во борбата против насилството врз жени и девојчиња! Тука сум, да ја потврдам цврстата определба на Владата на Република Северна Македонија, да се придружи под овогодинешното мото, во означувањето на Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жената“, рече премиерот Заев.
Тој констатираше дека е добро што постојат заеднички реакции на институциите и домашните и меѓународните организации за овој постоечки проблем во светски рамки
„Денеска ја започнуваме и кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“ којашто ја покренува и свеста дека за насилството не треба и не смее да се молчи. Крикот се слуша и кога некој молчи. Секој од нас, од институциите, или поединечно, има обврска пред тој Крик, тивок или гласен – да не го одмине, да реагира! Со чувство на одговорност да развиваме култура која не прифаќа насилство“, порача премиерот Заев.
Претседателот на Владата, Заев, посочи дека заложбите и превземените мерки на Владата се целосно усогласени со заложбите на ОН.
„Работиме на механизмите со коишто треба да осигураме дека нема неказнивост кога станува збор за насилствата, во овој случај за насилството врз жени, без оглед на формата, или местото каде се случува, или кој е сторителот. Нулта толеранција мора да има и за јавните службеници поврзани со каква било форма на насилство - од говор на омраза, до вознемирување и за кој било друг на кое било друго работно место. Или дома. Со усвојувањето на Истанбулската конвенција, направен е важен чекор напред во однос на законодавството што се однесува на спречување, откривање и санкционирање на насилство врз жените. Фокусот сега е нејзино целосно спроведување“, додаде премиерот Заев.
Претседателот на Владата, Заев, посочи дека Владата работи на родовата еднаквост и зајакнување на жените во општеството низ: донесеното законодавство, со кое што се забранува дискриминација врз жените, усвоените и спроведени програми и мерки што промовираат имплементација на суштинска родова еднаквост во сите области, активностите за подигање на свеста и елиминирање на бариерите за родова еднаквост, којашто е еден од приоритетите на Владата и е дел од Програмата на Владата (2017-2020). Во приоритетите ги посочи: да се стави крај на секоја форма на дискриминација врз сите жени и девојчиња, да се елиминира секоја форма на насилство врз сите жени и девојчиња, да се обезбеди целосно и ефективно учество на жените и еднакви можности за лидерство на секое ниво, да се спроведат реформи, коишто им даваат на жените еднакви права на економски ресурси, донесувањето и зајакнувањето цврсти политики и применливо законодавство за унапредување на родовата еднаквост, обезбедувањето универзален пристап до сексуално и репродуктивно здравје и репродуктивни права.
Овие приоритети, како што посочи премиерот Заев, се во согласност со Агендата за одржлив развој до 2030 година и Целта 5 за одржлив развој, којашто предвидува: Да се постигне родова еднаквост и да се охрабрат жените и девојчињата. Тој рече дека се работи на развивање и подобрување на националните политики за превенција и заштита на жртвите на родово базираното насилство и по ратификацијата на Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство, подготвен е Акциски план за спроведување на Конвенцијата на Совет на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашно насилство 2018-2023 година.
„Во 21-от век, со високо крената свет на светско ниво за родово засновано насилство, особено насилството врз жените со што жените се принудуваат на потчинета положба, тоа е недозволиво. Не, нема и нема да има оправдување за домашно насилство, сексуално вознемирување, силување, присилен брак, кривични дела извршени во името на таканаречената „чест“, трговијата со жени и девојчиња. Апелирам на сплотеност и слух. Секое девојче е наша ќерка и секоја жена е наша сопруга или мајка. Секоја жена и секое девојче, имаме заедничка обврска, да ги заштитиме!“, повика премиерот Заев.
На настанот за борба против насилството врз жените и девојчињата, се обратија и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, министерот за здравство, Венко Филипче, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, координаторката на Обеднинетите нации во нашата држава, Росана Дуџак, шефот на делегацијата на ЕУ во земјава, Самуел Жбогар и шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која.
Министерката Царовска во своето обраќање најави дека до крајот на годината ќе имаме вкупно 10 специјализирани сервиси за жртви од родово базирано насилство, бидејќи наш приоритет како држава е да обезбедиме заштита и поддршка за секоја жена и девојка. Паралелно работиме и на превенција, бидејќи наша крајна цел е трајно да ги искоренеме овие појави од општеството.
Министерот за здравство, Филипче ја истакна соработката со УНДП и УНФПА за воспоставување на три центри за упатување на жртвите на сексуално насилство согласно Истанбулската конвенција.
„Тие се веќе отворени во рамки на Универзитетската клиника за гинекологија во Скопје, како и во болниците во Тетово и во Куманово. Во соработка со Катедрата по семејна медицина, обучивме 60 здравствени работници за справување со насилството, а предвидено е овие обуки да продолжат во соработка со граѓанската организација ХЕРА, како и со Фондот за население на Обединетите Нации, УНФПА, а здравствените работници ќе добијат и специјaлизирани обуки на тема насилство врз жени и клинички менаџмент на силување.“
Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов ја нагласи локалната заедница како важна поддршка во справувањето со насилството:
„Во таа насока, Градот Скопје во континуитет го поддржува Семејниот центар што функционира во рамките на Здружението нa граѓани ХЕРА – Скопје и претставува советувалиште за превенција и заштита од семејно насилство нудејќи бесплатна услуга за корисниците.“
На вечерашниот настан што се одржа во паркот „Жена борец“ присуствуваа и дипломати, претставници на интернационални организации и жени активистки, претставници од граѓански организации од земјава, медиуми.