Министерот Поповски на Конференција e-Society.mk „Отворени институции и отчетност“: Лидерската позиција во регионот по транспарентност ќе придонесе кон поефикасно и порационално трошење на парите на граѓаните

Министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, се обрати на  15-тата Интернационална Конференција e-Society.mk „Отворени институции и отчетност“ во организација на Фондација Метаморфозис.

Тој во своето воведно обраќање истакна дека еден од клучните фактори што обезбедува функционирање на едно општество е довербата, а Владата на Република Северна Македонија повеќе од 2 години ја остварува амбициозната програма за политички и демократски реформи за да ја врати довербата на граѓаните во институциите на системот.

„За прв пат во политичката пракса во нашата земја, Владата е таа што самоиницијативно, своето финансиско работење го дава на увид на јавноста. Отворање на трезорот и сите податоци во него, е една од клучните мерки во насока на намалување на корупцијата и неправилностите во работењето на државните институции, како и штедење на парите на граѓаните“,  потенцираше Поповски.

Министерот Поповски го  изрази своето задоволство за поддршката и соработката со Метаморфозис и Фондацијата Отворено општество Македонија во изработката на Стратегијата за транспарентност и истакна дека оваа стратегијата е продукт на заеднички напори на Владата и невладиниот сектор, што е гаранција за нејзиниот висок квалитет. 

Понатаму министерот се осврна на суштинските одлики на Стратегијата за транспарентност на Владата на РСМ која го опфаќа периодот од декември 2019 година до декември 2021 година, во која се предвидуваат бројни активности со цел зголемување на активната транспарентност на институциите.

„Овој стратешко-плански документ е надградба за еден од суштинските столбови на политиките на Владата: Зголемена транспарентност во поглед на секојдневното работење и јакнење на владеењето на правото. Оваа Стратегија е сеопфатна. Не постои институција која одговара пред Владата што не е опфатена со неа. Секоја институција кој располага со пари на граѓаните и врши дејност од јавен интерес ќе биде должна да се отвори пред нив и да објавува бројни информации и документи“, истакна Поповски.

Според истражувањето на „Action SEE“ за отвореност  на извршната власт во регионот на Западен Балкан за 2018 година, Владата на Република Северна Македонија, заедно со Црна Гора е лидер во регионот според индексот на отвореност, кој изнесува 78% во однос на исполнување на индикаторите.

„Трендот е растечки во последните две години и донесе пресврт во рангирањето на нашата земја, ако се знае дека во 2016 година бевме на последното место со само 52% исполнети индикатори“ рече министерот Поповски.

Според Поповски,  зголемување на транспарентноста и вклученоста на граѓаните во процесот на донесување одлуки,  ќе  придонесе кон поефикасно и порационално трошење на парите на граѓаните, овозможувајќи на граѓанското општество и независните медиуми преку анализи и истражувања на проактивно објавени податоци да укажуваат на недоследности или да предлагаат алтернативни, поефикасни начини за трошење на државните средства.

„Со подигањето на квалитетот  во  оваа област ќе се намали влијанието на злонамерните дезинформации меѓу граѓаните, на кои ќе  им бидат овозможени низа можности самите да дознаваат или проверуваат кредибилни информации за работата на институциите и за трошењето на државните ресурси“, додаде Поповски.

За крај министерот истакна дека ова се цели што мотивираат и инспирираат и ја приближуваат земјава кон семејството на развиени демократски општества чии институции постојат и работат исклучиво како сервис и во интерес на граѓаните.