Во Лондон започна состанокот на Северноатлантскиот совет (NAC) на шефовите на држави и/или на влади, на кој учествува и претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, заменичката на претседателот во Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, заменик претседателот во Владата за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров.
Со учеството на состанокот на лидерите на земјите членки, нашата земја се претставува на највисоко ниво во работата на телата на Алијансата, и ја потврдува определбата за целосно споделување на принципите за заедничка безбедност и за градење силни трансатлантски односи со најмоќната воена и политичка алијанса заснована на демократски вредности, како основа за заеднички просперитет и за напредок на земјите членки.
Протоколот за членство на Северна Македонија во Алијансата досега го ратификуваа 28 членки на НАТО. Скорешното полноправно членство во НАТО е реализација на стратешката цел на нашата земја зацртана со консензус во 1993 година и овозможува идеални услови за зајакнат и забрзан економски развој.