Груевски: Илинден е датум кога Македонија слави за успехот и за храброста

Македонски народе ние не сме дрво без корен, нашата борба за слобода и напредок е заснована на историски континуитет на преплетување на идејните вредности на двата Илиндена, на избликот на националниот креативен потенцијал, на пркосот на духот желен за слобода, на храброста запечатена со победа. Тоа го порача премиерот Никола Груевски денеска на прославата во Меморијалниот центар „Пелинце“, по повод државниот празник Илинден и 67-годишнината од одржувањето на заседанието на АСНОМ.

Собирот на  Пелинце, според Груевски,  го одбележува големиот македонски празник, на кој се поставени темелите на современата македонска држава.

- Илинден е датум кога Македонија слави за успехот, за храброста и за херојството и се искажува почитта кон жртвите кои ги положија животите за слободна Македонија, рече тој, упатувајќи благодарност до сите кои своите животи и дела ги вградиле во државноста и за подобра иднина на Македонија.

Според Груевски, вториот Илинден ги внесе во себе цивилизациските придобивки на првиот, ги надгради и ги оствари.

Резултатите од НОБ, истакна премиерот, се пример за заслужена победа со сопствени сили, залагања, самооткажувања, со многу предизвици, со многу енергија, љубов и патриотизам за на крај да се стави печат на триумфот, за да се вброи македонската нација во редот на нациите великани кои му ставија крај на хитлеровото злодело...

Македонски модерни илиндени, укажа Груевски, се грижата, градбата, реформите, модернизацијата, евроинтеграциите, подобрата економија и инвестициите, а достоинството е заслужено.

Македонската свест, истакна, е реалност и е дел од објективната стварност исто како и македонските песни, ора, традиција, фолклор, исто како и српските, бугарските, грчките, албанските, словенечките културни компоненти кои ја прават и ја обликуваат една нација.

- Ние ништо туѓо не сакаме ниту посакуваме, го браниме само нашето. Ние сме народ, мирен и работлив. Ние го сакаме соседот како ближен свој, неговиот напредок и благосостојба се и наши.Сакаме искрен соживот и почит со секого, соработка која ќе придонесува за добробитта на нашите граѓани. Сме за надминување на предизвиците кои стојат пред нас, со рационален однос, со уважување на фактите и чувствата, со почитување на правото и нормите на цивилизацијата, рече Груевски.

Сакаме решенија на предизвиците, додаде тој, кои нема да ги нарушат нашите највисоки правни акти, Уставот и законите и кои ќе ја верификуваат историската реалност која ја стекнавме уште со атлантската повелба за самоопределување, а тоа е дека сме биле, сме и ќе останеме Македонци.

Претседателот на македонската Влада испрати порака дека демократијата и слободата ги извојувавме низ премрежја и на нив треба, како што рече, да им обрнеме посебно внимание, да инвестираме во нивниот развој, почитувањето, практицирањето и обезбедувањето на човековите права и слободи.

- Да работиме, да не се навредуваме, да не се клеветиме и омаловажуваме. Ние на исто место живееме и со поделби нема да одиме напред. Со внесување раздори нема да постигнеме резултати. Законите мора да се почитуваат. Тоа е одлика на цивилизацијата. Беззаконието не води никаде. Законот обезбедува услови за развој и натпревар на идеи и постигнувања во опкружување кое е еднакво за сите, нагласи Груевски.

Вистината, укажа, да ни биде ориентир и да не ја погазуваме никогаш и никаде како етика да ја промовираме соработката, да ја развиваме, да примаме и да даваме прошка, да останеме луѓе и при најголемите искушенија Македонија е нашата земја.

- Македонците, Албанците Турците, Власите, Ромите, Србите, Бошњаците и останатите, христијаните, муслиманите и атеистите имаат еден интерес - подобар живот. Нашиот соживот овде во Македонија е божја волја. Повремените инциденти настануваат од оние каде што бог сеуште не допрел и илинденскиот и асномскиот манифест повикуваат на обединување и вложување на целиот заеднички потенцијал кон достигнување на единствената цел и визија, наведе премиерот оценувајќи дека  Македонија е земја на напредок,  во која живеат среќни луѓе и се надополнуваат вредностите кои произлегуваат од спецификите и ни даваат компаративна предност пред светот.

Македонија,  истакна, е земја на слободата и правдата. - Само сплотени ќе бидеме посилни, а посилните се и поуспешни и почитувани. Тие се победниците, посочи Груевски.

Според него,  во годината кога се одбележуваат 70 години од почетокот на НОБ  и 20 години од стекнувањето на независноста и самостојноста треба да се обединиме сите без разлика на вера, партија, пол, имотен или социјален статус.

- Да се обединиме сите под знамето на успехот и на новите достигнувања. За Илинден и илинденци кои ќе донесат нови резултати корисни за сите граѓани. За илинденци кои ќе ги бранат нашите традиционални вредности и достигнувања од минатото, а кои истовремено ќе грабат кон иднината и европските стандарди, е пораката што меѓу другото ја упати премиерот Груевски.

Претходно, делегација на Владата предводена од премиерот Груевски положи цвеќе на Меморијалниот центар АСНОМ со што почна народниот собир во кумановско Пелинце.

Цвеќе положија и делегации на Собранието на  Република Македонија, на кабинетот на Претседателот на Република Македонија, на Сојузот на борците од НОВ, на дипломатскиот кор, на Генералштабот на АРМ и претставници на повеќе политички партии.
 
Меѓу високите државни претставници присутни на одбележувањето се сопругата на поранешниот претседател Борис Трајковски, Вилма Трајковска, министрите за одбрана Фатмир Бесими, за образование Панче Кралев и за земјоделство Љупчо Димов, како и директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР Ључо Тодоровски.