Интерконекторот (меѓусистемска гасна врска Петрич-Струмица) е една голема визија, на поврзување меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, но и на гасификација на целиот југоисточен регион на нашата земја, согласно националните стратегии и еден од стратешките приоритети на нашата држава, истакна претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев во своето обраќање на тркалезна маса за формирање на регионален енергетски пазар преку подобрување на енергетската поврзаност помеѓу Северна Македонија и Бугарија, во организација на Македонско – бугарската стопанска комора и Бугарско Македонската Трговско Индустриска Палата.
Премиерот Заев рече дека преку Национални енергетски ресурси се развива целосно националната гасоводна мрежа која што во моментот од Скопје е пуштена до Штип и до Клечовце и истовремено продолжува до Неготино, Кавадарци, Прилеп и Битола, додека вториот дел е поврзувањето од Скопје, до Тетово, Гостивар, а од следната година ќе продолжува кон Кичево.
„Целта е овој прстен целосно да го затвориме и во југоисточниот дел на државата да се изгради еден Интерконектор, кој ќе направи поврзаност на гасоводот со гасоводната мрежа која оди Софија-Грција, покрај Благоевград, Сандански и Петрич, каде што треба да донесеме гасоводен систем кон Струмица и струмичкиот регион, за да може да биде поврзана на националниот гасовод, но и за развој на системите за национална гасоводна мрежа“, објасни премиерот Заев.
За споредба, премиерот Заев го посочи потенцијалот на струмичката котлина, која само за извоз произведува раноградинарски земјоделски производи во вредност од 130 милиони евра. Со евтин енергенс, кој ќе придонесе тоа да се постигне за еден или два месеци порано, тоа значи голема конкурентност на тие земјоделски производи, сериозен потенцијал за профитабилност и одржлив развој на драгоцената дејност - производство на храна.
„Од лесната до тешката индустрија, целиот регион е сериозен потрошувач и потенцијал за користење на природниот гас. Во Струмица во моментот има приклучени на природен гас повеќе од 350 домаќинства, 17 фабрики, сите детски градинки, училишта, сите индустриски зони и гасоводната мрежата од 2010 година функционира одлично и тоа преку компресиран гас. Замислете колку би бил потенцијалот ако имаме гасоводна цевка“, компарираше премиерот Заев и додаде дека ваквиот проект е од стратешко национално значење бидејќи дава можност за втор извор на енергија и можност за поврзување со ТАП (Trans Adriatic Pipeline) и се обезбедува стабилен прилив на гас за Република Северна Македонија и за сите нејзини корисници.
Во своето обраќање премиерот Заев ги наброи и Коридорот 8 - железничката пруга, во вредност од 607 милиони евра и експресниот пат Куманово-бугарска граница во вредност од 60 милиони евра, работата на граничните премини во Клепало кај Берово, и Симитли, како огромни инфраструктурни проекти коишто треба да ја направат поврзаноста помеѓу Скопје и Софија, многу побрза, поефикасна и попримамлива.
„Последните две и пол години нашата земја е пријател со сите свои соседи, но Бугарија го презеде првиот чекор, ја подаде раката тогаш кога беше најтешко и сега ние, најмалку што треба да направиме за да возвратиме, е да ја зголемиме нашата соработка од секој аспект, а секако најпосакуван за сите е економскиот. Затоа што тој е опиплив, се вреднува, значи стандард, поголем квалитет на живот на граѓаните од двете страни на границата“, рече премиерот Заев и додаде дека ваквите иницијативи се добредојдени бидејќи значат унапредување на економската соработка помеѓу двете земји, за да се постигне посакуваната 1 милијарда евра трговска соработка, којашто, како што рече премиерот Заев е возможна само преку бизнисот.
Тој на крај ја искористи приликата да ги охрабри сите претставници на бизнис секторот да го искористат потенцијалот на одличната и огромната соработка помеѓу двете земји, кој постои и ќе трае низ годините.