Вработените во јавната администрација и службениците во Град Скопје, денеска ја спроведоа акцијата „Администрацијата чисти со граѓанската организација ‘Не биди ѓубре’“.
Неколку илјади државни службеници, заедно со премиерот Заев и сите министри во владата, во координација со граѓанските активисти денеска собираа смет и други отпадоци како резултат на одлуката на Владата на Република Северна Македонија, на тој начин да биде одработен 2 јануари, која оваа година беше прогласен за неработен ден.
Претседателот на Владата на Северна Македонија и членовите на неговиот кабинет, како и вработените во Генералниот секретаријат на владата, акцијата ја спроведоа во општина Бутел, во кругот на основното училиште „Панајот Гиновски“ и во населбата Бутел.
Во изјавата за медиумите премиерот Заев истакна дека целта на оваа акција е вработените во државната администрација од институциите кои се вклучени во Акцијата да помогнат во процесот на зачувувањето на животната околина како должност на секој граѓанин да ги унапредува и штити животната средина и природата во својата локална заедница.
„Секој човек има право на здрава животна средина. Но, истовремено и секој е должен да го дава и сопствениот придонес за доследното почитување и практикување на овие принципи како услов за почиста животна среедина, подобро здравје, поквалитетен и подолг живот на граѓаните. Се надеваме дека на овој начин ќе влијаеме и на свеста на граѓаните, за да успееме да ги зачуваме чисти локациите откако ќе заврши акцијата“, истакна премиерот Заев, и додаде дека Владата на Република Северна Македонија целосно ја разбира реакцијата на граѓаните и граѓанските организации поврзани со заштитата на животната средина и со загадениот воздух.
Планот за чист воздух и борбата против аерозагадувањето, рече премиерот Заев, се стратешки приоритети на Владата.
„Имаме јасна политичка волја да се справиме со овој проблем кој, за кој ништо не беше преземано во минатото. Планот предвидува сеопфатен и координиран пристап за спроведувањето на мерките, во партнерски однос на владините институции, граѓанските организации, деловните компании и меѓународните организации, и во таа насока останува отворена нашата покана заедно да работиме на решавање на овие прашања“, порача премиерот Заев.
Заменик претседателот во Владата и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски изрази надеж дека оваа акција ќе поттикне и други слични иницијативи.
„Не е најважно само денеска да го исчистиме градот. Денеска ќе го оставиме градот почист и уреден за да не потстетува дека секој придонес е значаен. Но, најважно е со овој пример да поттикнеме вакви акции и во иднина. Акцијата испраќа порака до секој граѓанин треба да се грижи за животната средина и да учествува во вакви иницијативи“, нагласи министерот Спасовски.
Министерството за животна средина и просторно планирање традиционално во соработка со невладините организации, локалните самоуправи и другите заинтересирани страни, рече министерот Насер Нуредини, барем еднаш годишно спроведува национални акции за чистење на отпад на различни локации во државата со цел да влијае врз свеста но и врз чувството за одговорност и на граѓаните и на институциите во однос на несоодветното одлагање на отпадот.
„Ова е прв пат целата администрација вака масовно да излезе надвор од канцелариите, да ги поддржи граѓанските иницијативи и организации и заедно со нив да го собере отпадот како резултат на нашето несовесно однесување и кон природата и кон урбаната средина во која живееме. Со ова активност упатуваме силна порака дека сме подготвени и вољни да се грижиме за животната средина и да се справуваме со загадувањето и загадувачите и како ресорни институции, но и како граѓани на оваа држава“, изјави министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, заедно со вработените во МТСП и со другите институции во склоп на МТСП, со Институтит за стандардизација, Регулаторна Комсија за енергетика и со Дирекцијата за заштита на лични податоци го чистеа просторот околу Музејот на современа уметност, по што акцијата продолжи на Кејот на Вардар кај таканаречената картонска населба.
„На 14 семејства или околу 80 лица којшто престојуваа овде им обезбедивме соодветно топло живеалиште во институциите на МТСП. Со ова не само што чистиме просторот обезбедуваме топол дом за лицата кои живеа под отворено небо и зимскиот период ќе го поминат во цврста градба. Истовремено децата ќе посетуваат дневни цнентри а семејствата ќе ги вклучиме во системот за социјална заштита”, рече Царовска.
Дамјан Манчевски, министерот за информатичко општество и администрација, во својата изјава за медиумите за акцијата рече дека чистењето на градот, е подигнувањето на јавната свест за животната средина се од интерес на секој граѓанин и дека само со заедничка вклученост можеме да ја чуваме животната средина.
„Очекуваме дека откако сите ние заедно ќе наполниме стотици ќеси ѓубре, ќе размислиме два пати следниот ден, пред да го фрлиме ѓубрето повторно. Овие локации мораме да се погрижиме заедно, да останат чисти и после денеска“, потенцираше Манчевски.
Градот Скопје, градоначалникот Петре Шилегов и неговите соработници, во заедно со Министерството за труд и социјална политика, учествуваа во чистењето на импровизираните објекти на ролерско-велосипедската патека на Вардар, која е посочена како една од локациите на која често се врши нелегално палење на отпад и придонесуваат на загадувањето на амбиенталниот воздух.
„Ова е второ чистење на оваа локација во изминативе две години, и иселување на лицата кои живеат на оваа дива населба. За таа цел решивме овој пат, покрај нивно дислоцирање, да извршиме и целосно чистење на просторот со цел да спречиме нивно повторно враќање на жителите на оваа населба на кои веќе им се обезбедени соодветни простории за живеење. Работиме на утврдување на сопственоста на таа локација, за да го задолжиме сопственикот да ја огради“, истакна градоначалникот Шилегов.
Акцијата „Администрацијата чисти со граѓанската организација ‘Не биди ѓубре“ ја помогнаа и во неа учествуваа повеќе амбасади во земјата, и таа беше спроведена на локациите Сарај – Tреска, Аквадукт и канал Момин поток, СЦ Борис Трајковски, Кале, Музеј на современа уметност, Касарна Илинден, Јужен булевар, улица Бихачка, Спортска Гимназија М.М. Брицо, Железничка и автобуска станица, улица Џон Кенеди, Собрание, улица Македонија, МКЦ И МРТВ, касарна Гоце Делчев, улица Ферид Бајрам (Населба Бутел), улица Александар Урдаревски, Eвропска очна болница – Јурија, улица индустриска и кеј на реката Вардар, како и во повеќе општини низ републиката.