Владата на Република Северна Македонија својата редовна 171 седница ќе ја одржи во Куманово со повеќе точки на дневен ред од својата програма за работа и од интерес на граѓаните.
Пред започнувањето на седницата, изјави за медиуми ќе дадат претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, заедно со градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски. Изјавите за медиуми се предвидени во 18:50 во Домот на занаетчии во Куманово.
Воведниот дел од седницата исто така ќе биде отворен за камерманите и фоторепортерите.
Во првиот дел на седницата владата ќе ја разгледа информацијата за состојбите и извршените посети во текот на денот во општините Куманово, Крива Паланка, Кратово, Липково, Ранковце и Старо Нагоричане.
За активностите на Владата во овие општини како и за приоритетите од заедничката соработка со локалните самоуправи на овие општини ќе бидат донесени одредени заклучоци од дискусијата со градоначалниците на овие општини.
На истата седница, потоа министрите во Владата ќе ја разгледаат и информацијата за изготвување „Регистар на програми“ во рамки на програмата „Фонд за млади умови“, што ќе ја презентира Фонд за иновации и технолошки развој.
На оваа владина седница се очекува да биде разгледана и прифатена Предлог - одлуката за давање согласност за потврдување на Спогодбата за присоединување помеѓу Јавното претпријатие Колекторски систем Скопје и МЈП ПРОАКВА Струга (РЕ Колектор Струга).
На предлог на Општина Крушево, Владата на седницата ќе го разгледа и ќе донесе одлука за барање за финансирање на проект „Изградба на дел од инфраструктура во центар за параглаjдинг во Крушево“.
На предлог на заменик претседателот на Влада на РСМ задолжен за економски прашања на оваа седница ќе бидат разгледани информацијата за проблемите и потребите на техничките факултети од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, како и информацијата за текот на проектот дуално образование.
На дневниот ред за оваа седница е и информацијата за напредокот на проектот „Реконструкција на казнено-поправните установи во Република Северна Македонија”.
Агенцијата за млади и спорт за оваа седница ја подготви информацијата во врска со преземените активности за изработка на Акциски план за 2020 година за спроведување на Националната стратегија за млади (2016-2025).
Редовната 171 седница на Владата на Северна Македонија во Куманово ќе се одржи во Домот на занаетчиите со почеток во 19:00 часот.