Заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули денеска, заедно со градоначалникот на општина Аеродром, Златко Марин, ја посетија градинката „Буба Мара - Пчелка 2“, каде досегашниот нееколошки систем на греење на нафта се заменува со високоефикасни инвертер клима уреди.
Поддршката што општината ја доби од Планот за чист воздух, за реализација на оваа мерка е во вредност од 3 милиони денари.
Досега за затоплување на овој објект просечно годишно се трошеа 14 тони нафта или пресметано во пари околу 12 илјади евра. Очекувањата се дека една грејна сезона ќе чини четири пати помалку.
Успешноста на Планот за чист воздух не е само спречување на загадувањето, туку и заштедата на буџетските средства.
Идната година ќе се заокружат и двата јавни објекти, кои користат нееколошки извор на затоплување во општина Аеродром, и со тоа нема да постои јавна институција во општината која ќе го загадува воздухот.