Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, во придружба на Бујар Османи, заменик претседател на Владата на Република Северна Македонија задолжен за европски прашања, Зоран Попов, државен секретар при Министерството за надворешни работи, во рамките на еднодневната официјална посета на Република Чешка, оствари средба и со претседателот на Сенатот на оваа пријателска земја, Јарослав Кубера.
На средбата беше заеднички истакнато дека Северна Македонија и Чешка негуваат долгогодишно и длабоко пријателство.
Премиерот Заев, на претседателот на Сенатот на Чешка, Јарослав Кубера, му ја пренесе благодарноста на Владата и на народот на Северна Македонија за силната и континуирана поддршка на Прага за нашата земја, која, го рефлектира и постојаното залагање за нашите европски интеграции и на останатите земји членки на Вишеградската група.
Во таа насока, претседателот на владата Зоран Заев го потенцираше моментот кога оваа поддршка од Чешка и од другите земји на Вишеград стигна како моќна порака дека на Северна Македонија ѝ беше нанесена неправда во октомври кога Европскиот Совет не постигна договор земјата да ги отпочне преговорите со ЕУ.
Претседателот на Сенатот на Чешка, Кубера нагласи дека очекува што поскоро донесување на одлуката за почеток на преговори со ЕУ затоа што Северна Македонија тоа го заслужува со реформите и со историските договори што ги постигна со Грција и Бугарија.
Соговорниците на средбата се согласија дека двете земји негуваат исклучителна соработка која сега ќе се потврдува и зајакнува и со членството во НАТО, како особено значајно за земјата, но и за регионот на Западен Балкан.