Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули денеска, заедно со градоначалникот на општина Бутел, Владимир Смилевски, ги посетија објектите односно училиштата и градинките кои се дел од Планот за чист воздух.
Во својата изјава, заменик-министерот повторно истакна дека само со заедничка борба, ќе успееме да се справиме со предизвиците за заштита на животната средина, бидејќи успехот зависи од интегрирана и координирана акција на сите чинители, на централната и локалната власт, деловната заедница и граѓанските здруженија.
Во општина Бутел, предвидените мерки од Планот за чист воздух ќе опфатат промена на старите прозорци и врати во Детската градинка 11 Октомври-Бутел 1 и Детската градинка 11 Октомври-Бутел 2 со цел да се подобри енергетската ефикасност на објектот, со што ќе се овозможи заштеда на топлинска енергија, како и заштеда на општинските буџетски средства.
Од Планот за чист воздух, за Општина Бутел се издвоени околу 1.400.000 денари за хортикултурно уредување и реконструкција на дворната површина со зелена површина во ООУ ,,Живко Брајковски”. Во ова основно училиште предвидено е плански да се уреди дворната површина со засадување на плодородни дрва и дрва со брзорастечки карактеристики како и да се направи зелен ѕид сѐ со цел создавање на поголема зелена маса.
Вкупната зелена површина во училиштето изнесува 5324м2, и бидејќи е лоцирано во урбана средина со голем број на живеалишта и голем недостаток на зелени површини, хортикултурното уредување на зелена површина ќе ги поттикне учениците и жителите од населбата за поголема грижа и заштита на зеленилото.
Ова ООУ го посетуваат околу 800 ученици кои се директни корисници на мерката зелени површини, а додека дворната површина и местото за рекреација и спорт го користат останатите жители на населбата поради недостаток на урбани зелени паркови во околината.