Владата на Северна Македонија ќе му достави на усвојување на Собранието, Предлог-закон за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на физички лица, и за Измени и дополнувања на Законот за извршување, со кои за сите предмети дадени за извршување до крајот на 2017 година, се предлага отпишување сите камати на граѓаните-должници кон јавни и државни претпријатија, или државни органи и установи, и во таа насока за праведно опфаќање на сите граѓани, ќе им биде предложено и на приватните доверители оваа постапка да ја следат со доброволно бришење на каматите на долговите на граѓаните, соопшти денеска на прес-конференција претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, на која присуствуваше и министерката за правда, Рената Дескоска која одговараше на прашањата на новинарите.
Премиерот Заев информираше дека со законските измени што се предлагаат се предвидува и репрограмирање на долгот, односно плаќањето на главниот долг да биде на рати. Колку е поголем долгот – толку ќе се зголемува рокот на отплата, односно ќе се исплаќа на повеќе рати.
Не по своја вина, граѓаните, особено социјално ранливите – се соочија со камати кои повеќекратно го надминуваат основниот долг за кој и онака имаат потешкотии да го исплатат. Ова ја направи отплатата на долгот уште потешка, и во голем број случаи го загрози достоинството на граѓаните.
„Со денот на стапување во сила на овој закон, извршителите прекинуваат со присилно извршување по предметите. Владата на Република Северна Македонија се грижи за достоинството и социјалната сигурност на граѓаните. Со оваа иницијатива исправаме уште една неправда направена во 2011 година, кога старите судски извршни предмети беа префрлени од судовите на извршителите и нотарите“, истакна премиерот Заев.
Тој појасни дека доверителите кои се во државна или јавна сопственост, по сила на овој закон, се должни да направат целосен отпис на каматите и репрограмирање на главниот долг и трошоците во рок од три месеци од денот на стапување во сила на овој закон и треба да ги известат извршителите во рок од 30 дена од отписот на каматите.
„Се надевам дека и приватните доверители, и апелирам особено оние кои можат да си го дозволат тоа, на доброволна основа да го прифатат овој предлог и да се солидаризираат со граѓаните“, повика премиерот Заев.
Во однос на репрограмирањето со новото законско решение се предлага плаќањето на главниот долг и трошоците во постапките пред судот, нотарот и извршителот, да се врши во месечни рати, во зависност од висината на долгот и трошоците.
ВИСИНА НА ДОЛГ И ТРОШОЦИ |
РОК НА ОТПЛАТА |
До 10.000,00 денари |
6 месеци |
Од 10.0001,00 до 60.000,00 денари |
12 месеци |
Од 60.0001,00 до 120.000,00 денари |
24 месеци |
Од 120.0001,00 до 240.000,00 денари |
36 месеци |
Над 240.000,00 денари |
48 месеци |
На оваа прес-конференција, премиерот Заев најави уште една измена на Законот за извршување, со која ќе бидат изземени од извршување граѓаните корисници на гарантирана минимална помош, која ја најави МТСП, според која граѓаните приматели на просечна плата, на граѓаните со пензија до висина на просечната пензија, на децата корисници на семејна пензија и на хранителските семејства кои згрижуваат деца, извршувањето на главнината на долгот да се спроведува до една петина на платата или пензијата, а не до една третина како досега.
До Собранието на РСМ ќе биде испратен и Предлог-законот за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на јавни претпријатија, со кој се предвидува надминување на проблемите на јавните претпријатија основани од општините, особено за долговите преземени од страна на општините.
Со овој Предлог-закон се предвидува задолжителен отпис на каматите од страна на доверителите кои се државни органи, како и репрограмирање на долговите и трошоците на јавните претпријатија, со цел нормално функционирање на јавните претпријатија и непречена реализација на нивните развојни активности.
Предлог-законот за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на физички лица, предлогот за измени и дополнувања на Законот за извршување, како и Предлог-законот за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на јавни претпријатија, ќе бидат утврдени на утрешната седница на Владата, по што веднаш ќе бидат испратени на усвојување во Собранието.