Премиерот Спасовски: Сите услуги до граѓаните и сите обврски на институциите ќе бидат испорачани во целост и на време и ќе имаме фер, слободни, демократски и кредибилни избори

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски денеска одржа прес-конференција посветена на актуелните прашања од работата на Владата во претстојниот период.

Во продолжение на ова соопштение ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Спасовски во целост:

Нашата држава се наоѓа во исклучително значаен период кога се очекува непречено функционирање на сите институции на државната власт.

Ова е период во кој до максимален израз треба да дојде личната и институционална политичка и професионална одговорност и да се даде најдобриот придонес за доброто на граѓаните и за развојот и напредокот на Северна Македонија.

Сите постапки на секој член на извршната власт мора јасно да потврдат дека Владата и државата се во сигурни раце.

Секој политички чин на членовите на Владата, во сите линии на хиерархијата, треба да произлегува од одговорноста да им укажеме на сите наши граѓани дека треба да бидат спокојни.

Сите услуги до граѓаните и сите обврски на институциите ќе бидат испорачани во целост и на време.

Граѓаните да се безгрижни, затоа што услугите и правата ќе продолжат непречено да се реализираат. Независно дали станува збор за субвенциите на земјоделците или остварувањето на правата на социјалните категории во ризик, тие се загарантирани и ќе се исплатат навремено. Навремени и покачени се и платите за јавниот сектор, како и услугите кои граѓаните ги добиваат преку администрацијата.

Неопходно е, и тоа е врвен приоритет на сите министри во актуелната Влада, без исклучок, да обезбедат континуитет на функционирањето на институциите, на владеењето на правото и демократијата.

Да отвориме максимален простор за демократската волја на граѓаните, да учествуваат во изборот на нова, политички легитимна Влада. Влада која ќе продолжи да ја води Република Северна Македонија на вистинскиот пат - како членка на НАТО и идна членка на Европската Унија.

Од нашата аспирација за остварување на овие наши стратешки цели произлегуваат и вредностите што треба да ги одредуваат сите наши постапки во претстојниот период.
Високата, европски обоена политичка култура, е една од тие вредности.

Нашата земја се препознава како успешен модел кој го унапреди концептот за развој на едно, еднакво и праведно општество за сите.

Треба да бидат вложени сите напори да се одржи тој континуитет и афирмација на вредностите кои се суштински придонес за меѓукултурно разбирање и соработка.

Наша заедничка грижа е, да ги почитуваме примарните вредности кои го одбележуваат етничкиот, националниот и верскиот идентитет.

Да ги прифатиме како успех и да бидеме горди на признанијата за нашата земја како модел за заедничко општество за сите нејзини граѓани.

Тоа се рефлектира и во одржувањето на пријателските односи со сите соседи. Нашиот модел ги надминува и географските граници на нашата земја и поттикнува широк дијалог во регионот за разбирање и надминување на старите, штетни стереотипи.

Овие вредности треба да ни бидат показатели на патот за остварување на општество еднакво за сите и на тој пат нема место за ширење омраза.

Она што ни е потребно, е сеопфатна, акција за препознавање и елиминирање на говорот на омраза.

Сите политички партии, секој наш граѓанин, сите општествени институции, сите заедно мораме да го дадеме сопствениот придонес против говорот на омраза и да се обединиме во широко прифатениот општествен консензус: Нула толеранција за говорот на омраза - и ништо помалку.

Ние, во нашата колективна култура, имаме традиција на толеранција и прифаќање на различностите. Тоа треба постојано да се негува и да се внимава на предизвиците.

И во овој преоден период до изборите, Владата ќе ги продолжи политиките со кои Северна Македонија се гради како држава на сите граѓани што живеат во неа.

Имаме историска одговорност да продолжиме со организација на избори какви што доликуваат на една европска демократија, на земја која се стреми кон полноправно членство во ЕУ и која во овој период очекува сериозни одлуки за нашата европска иднина.

Украс на секоја европска демократија се слободните медиуми. Медиумите кои известуваат независно, непристрасно и професионално се гарант на развојот на демократијата во општеството и чувар на слободната мисла и сите новинари и медиумски работници треба да уживаат максимална заштита и слобода. Го осудуваме секое насилство и говор на омраза против новинарите и медиумските работници. Институциите се должни секој напад врз интегритетот на новинарите да го истражат, докажат и санкционираат.

Цел и на актуелната Влада е создавање медиумски простор за непристрасно и објективно информирање на граѓаните, бидејќи само вистински информирани граѓани може слободно да донесат одлука за иднината на својата држава.

Очекувам професионална соработка помеѓу Владата и Собранието, а особено со Државната изборна комисија, Државната комисија за спречување на корупцијата, домашните и меѓународните набљудувачи, како и со сите органи и тела кои имаат улога во организацијата и спроведувањето на изборите.

Со организацијата на локалните избори во 2017 година, на референдумот во 2018 година и на претседателските избори во 2019 година поставивме стандарди кои не смеат да бидат нарушени и кои ќе бидат водилка и за организација на изборите закажани за 12 април оваа година.

Особено е значајно граѓаните да бидат мотивирани да учествуваат во демократскиот изборен процес во колку што е можно поголем број, да имаат поттик да гласаат на изборите и да веруваат во изборниот систем. Граѓаните се носители на демократијата.

Тие ги носат одлуките, тие, и никој друг!

Благодарам на вниманието и уште еднаш нагласувам, дека ова се приоритетите за нашата земја во претстојниот период.

На нив треба да гледаме како на стратешки интереси од особено значење, за да ја задржиме европската перспектива на Република Северна Македонија, прифатена со консензус од сите релевантни политички фактори во земјата.