Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски денеска прими делегација на Администрацијата за цивилна заштита и помош при катастрофи на Република Словенија, предводена од генералниот директор на администрацијата Дарко Бут.
Делегацијата на Администрацијата за цивилна заштита и помош при катастрофи на Република Словенија е во неколкудневна посета на нашата земја и на Дирекцијата за заштита и спасување со што започнува реализацијата на активностите од Спогодбата помеѓу владите на Северна Македонија и Словенија.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Аднан Џафероски и неговиот колега од Словенија Дарко Бут, го запознаа премиерот Спасовски со планираните активности. Како приоритетни се размената на искуства во делот на превенцијата и планирањето на активности за справување со катастрофи, план за обуки, тренинг и едукација на инструктори за заштита и спасување во различни околности, како и договор за заедничко учество во меѓународни проекти, од кои посебно значајно е заедничкото учество за пристап до фондовите на ЕУ за справување со пожари.
Премиерот Спасовски на средбата ја нагласи важноста на соработката помеѓу нашата дирекција и администрацијата за заштита на Словенија, особено од аспект на искуството на оваа наша пријателска земја, и истакна дека Владата на Северна Македонија ќе ја даде целосната поддршка за сите заеднички активности.
Претседателот на Владата, Спасовски потенцираше дека успешната регионална соработка и развиените добрососедски односи се клучни и во заедничките активности за превенција, заштита и спасување на луѓето, материјалните добра и животната средина.