Со седницата на Владата во Штип, како уште една во серијата што ги одржуваме во 10 региони низ земјата, сме поблиску до граѓаните и до локалната самоуправа и поблиску до нивните потреби, за да ги слушнеме нивните укажувања за да ги одредиме приоритетите во интерес на граѓаните, истакна Претседателот на Владата на Северна Македонија Оливер Спасовски во изјавата за медиумите во Штип, во придружба на градоначалникот на Општина Штип Благој Бочварски, кој вечерва заедно со градоначалниците на Пробиштип, Свети Николе, Радовиш, Конче, Чешиново - Облешево, Карбинци и Лозово, учествуваат во работата на седницата на Владата.
„Сакаме од градоначалниците на овие општини најнепосредно да ги добиеме информациите од интерес на граѓаните. Од тие информации, од она што го очекуваат граѓаните од овие општини и од овој регион да ги утврдиме нашите идни политики и одлуките за проекти кои може да ги реализираат општините со поддршка на централната власт“, потенцираше во својата изјава премиерот Спасовски.
Во текот на денот, на седницата ѝ претходеа повеќе теренски активности на замениците претседатели во Владата, на министрите, замениците министри и на некои од директорите на јавните претпријатија.
Премиерот Спасовски и заменичката претседателка задолжена за координација со економските ресори Мила Царовска, дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ, и директорката на УЈП Сања Лукаревска ја посетија текстилната компанија „Албатрос“ во Штип, како една од компаниите од текстилната индустрија што вработуваат голем број граѓани од овој регион.
„Со менаџментот и вработените во фабриката, како и со претставниците на Организацијата на работодавачите и на здружението „Гласен текстилец“, разговаравме за исплатата на минималната плата, како и за мерките за поддршка за раст на платите со субвенционирање на придонесите, а во фабриката „Актива“, ги ислушавме искуствата на компанијата од мерката за државна помош од програмата за финансиска поддршка на инвестиции. Тоа се значајни средби зашто ни даваат насоки за усовршување на постапките и за нови идеи за враќање на парите кон граѓаните и компаниите како една од најважните политики на Владата“, нагласи претседателот на Владата Спасовски во изјавата за медиумите непосредно пред одржувањето на четвртата редовна седница на Владата во Штип.
Агендата на премиерот Спасовски и на дел од министрите во Владата денеска вклучи и повеќе други активности како што беше посетата на заменичката претседателка на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, заедно со британскиот бригаден генерал Хју Лојд Џонс, на касарната „Јане Сандански“ во Штип, во која се реализира обука под менторство на припадниците на вооружените сили на Обединетото Кралство и увидот во работата на пречистителната станица Злетовица што го направи министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски.
Градоначалникот на Општина Штип Благој Бочварски, во име на граѓаните на општината и на регионот се заблагодари за иницијативата на владата да ги организира и одржува своите седници во регионите на државата со што се обезбедува непосреден увид во спроведувањето на политиките и во приоритетите на граѓаните, и ја издвои поддршката на иницијативата на општината за изградба на браната на реката Отиња.