Уште четири корисници на Заводот за рехабилитација „Бања Банско“ во Струмица ќе добијат свој топол дом. Заврши адаптацијата на куќа во Струмица во која ќе се преселат. Направени се соодветни прилагодувања на просторот, обезбедена е пристапност а во тек е опремување на куќата.
Дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ денеска во Струмица ги посети и лицата кои претходно беа згрижени во ЈУ Завод за заштита и рехабилитација Бања Банско, а сега живеат во четири стана кои се целосно прилагодени на нивните потребите.
„Продолжуваме со процесот на деинституционализација што го почнавме лани. Досега на девет возрасни лица Министерството за труд и социјална политика им помогна да го заменат Заводот „Бања Банско“ со свој дом. Некои од нив во Заводот биле и по повеќе од 25 години. Тоа беа луѓе исфрлени на маргините на општеството, а сега се вклучени во заедницата. Ние ги поддржавме во нивните желби и упорност да си создадат нов живот. Тие не ја кријат радоста, таа се гледа на нивните лица. Од Заводот се деинституционализирани и четири деца. Третманот со врзување за радијатори припаѓа на едно друго време, што не смее да се повтори", изјави Шкријељ.
Насмеани и расположени, корисниците и кажаа на Шкријељ дека се задоволни од условите во кои живеат и дека слободата да одлучуваат за животните активности, што сега ја имаат, ги прави среќни.
Во рамки на трансформацијата на Заводот за заштита и рехабилитација на лица со телесна попреченост „Бања Банско“ – Струмица, првите девет возрасни корисници го напуштија Заводот во текот на втората половина на 2019 година. Двајца од нив добија поддршка за враќање во сопственото семејство во село Миравци, Гевгелија, а седуммина се сместени во станови во државна сопственост.
Маријана Тошева, секретар на општинската организација на Црвен крст-Струмица посочи дека и тие го поддржуваат процесот преку обуки за персонални асистенти и негуватели. Активни се 19 персонални асистенти кои даваат услуги на 26 лица со попреченост.
Во тек е обука на третата група од 20 персонални асистенти.
Процесот на деинституционализација на Заводот „Бања Банско“, Министерството го спроведува во соработка со четири агенции на ОН, кои ги опремија становите. За лицата е обезбедена потребната поддршка, вклучувајќи и лични асистенти, а за обезбедување на нега на крајот на 2019 година беа вработени пет негувателки. Со трансформацијата, се планира Заводот „Бања Банско“ да прерасне во модерен Центар за рехабилитација.
Во изминатите две години, повеќе од 44 проценти од луѓето што се сместени во социјални институции за долгорочно згрижување, добија нов дом во заедницата.
Дополнителната заменик-министерка Шкријељ го посети и новиот фитнес центар во рамки на проектот „И ние постоиме“. Носител на проектот е Здружението на лица со телесен инвалидитет „Мобилност“ - Струмица, а партнер е Здружението на граѓани за помош и поддршка на лица со даунов синдром „Вера" - Струмица. Проектот „И ние постоиме" се спроведува во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан „ReLoaD“, финансирана од ЕУ и кофинансирана од општина Струмица.