Преку 11 илјади и 700 невработени граѓани ќе бидат опфатени со Оперативниот план за активните програми и мерки за вработување и услуги за пазарот на трудот, за кој во 2020 година се издвоени рекордни 1,45 милијарди денари, информираа на прес-конференција претседателот на Владата, Оливер Спасовски, заменичката на претседателот на Владата задолжена за економски прашања, Мила Царовска, дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ и директорката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска.
Претседателот на Владата Оливер Спасовски нагласи дека со Оперативниот план за 2020 година се продолжува континуитетот на една од повеќето успешни мерки на Владата во претходните две и пол години. Тој додаде дека во изминатите две и пол години, Владата, Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување, посветено и постојано работеа на подобрување на вработливоста на граѓаните, а тоа успешно е направено со реализација на оперативните планови за вработување, коишто во 2018 и 2019 година имаа речиси 100% реализација. Преку реализацијата на Оперативниот план за вработување и спроведување на други исправни економско-социјални политики, во изминатите две и пол години нововработени се над 59.600 граѓани, со што невработеноста е на рекордно ниско ниво од 17,1%, односно е намалена за 5,5 процентни поени во овој период.
„Со пакетот мерки опфатени во Оперативниот план за 2020 година, спроведуваме обуки и доквалификации за нашите невработени граѓани и за младите луѓе. Преку конкретни мерки за доквалификација особено внимание им посветуваме на вработување на најранливите категории, на поддршката за старт-апите и на иновативните бизнис идеи кои доаѓаат низ процесот на обука. Оперативниот план за 2020 година е прилагоден на современите барања и потреби на компаниите. За таа цел значајна сума од средствата се издвојуваат за субвенционирање на плати, вработувања и раст на компаниите, за обуки во информатичката технологија и други видови обуки кај работодавачите. Вработувањето е една од најважните теми којашто ги интересира и засега нашите граѓани. Решавањето на прашањето на вработувањето со достоинствено работно место е приоритет, за да се планира иднината. Годинава како и лани Оперативниот план ги опфаќа физичките лица и компаниите, нуди силна поддршка за самовработување, но и за отворање нови работни места“, посочи во воведното обраќање Премиерот Спасовски.
Вицепремиерката за економски прашања, Мила Царовска потенцираше дека со активните програми и мерки се обезбедува поголема вработливост за сите невработени лица во Република Северна Македонија, стимулирајќи ги невработените да се преквалификуваат или доквалификуваат, како и компаниите да ги апсорбираат овие невработени лица и да ги вклучат во пазарот на трудот. Таа додаде дека успешноста на оперативните планови, односно на активните програми и мерки, се должи пред се на сеопфатните консултации со бизнис секторот, невработените лица и другите засегнати страни за реалните потреби на пазарот на трудот и невработените.
„За Оперативниот план оваа година обезбедивме 1,4 милијарди денари, од кои 1,3 милијарди денари се од државниот буџет, додека останатите финансиски средства се обезбедени од партнерските организации (UNDP, EU, UNOPS, ILO, SDC), кои постојано ја поддржуваат државата да инвестира во активни мерки за вработување. Благодарение на оваа рекордна сума, очекуваме оваа година да бидат вклучени речиси 12 илјади невработени лица, односно 11.761 лице. Во 2020 година продолжува трендот на инвестирање во невработените лица од кои очекуваме да развијат претприемачки дух. Се покажа дека стартувањето на овие микро бизниси од невработените лица се навистина одржливи, во 2020 година очекуваме да поддржиме 1.364 микро бизниси, за кои одвојуваме 447 милиони денари, за да невработените лица се самовработат, а ако понатаму се развиваат да бидат вработувачи на други невработени лица. Очекувањата за воспоставување на што повеќе микро бизниси се базираат на реалност, ако се земат во предвид формираните претпријатија преку мерката Самовработување во изминатите две години, 93% од основаните компании во 2017 година се сеуште живи, додека од компаниите формирани во 2018 година, 99% се сеуште активни“, подвлече вицепремиерката Царовска.
Дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ, посочи дека особен фокус во Оперативниот план и во програмите што ги носи Владата се младите, се со цел обезбедување на подобар стандард и спречување на иселувањето на младите од државата.
„Мерките кои досега беа креирани и имплементирани навистина даваат резултат, а показател за тоа е намалувањето на стапката на невработеност кај младите лица, којашто изнесува 35,3% споредено со 2016 кога беше 48,6%. Ова ни дава поттик и понатаму да креираме мерки кои ќе придонесат за зголемување на вработувањето на младите лица. Во таа насока минатата недела Собранието, на предлог на Владата, го усвои Законот за младински додаток. На секое младо лице до 23 години кое е вработено и самовработено во компанија со претежно производствена дејност или како индивидуален земјоделец, преку центрите за вработување ќе му се исплаќа месечен надоместок од 3.000 денари. Со ова, од една страна сакаме да обезбедиме подобро платени работни места за младите лица со завршено средно образование, од друга страна да одговориме на потребите на компаниите и барањата на пазарот на труд“, рече Шкријељ.
Со младинскиот додаток се очекува опфат на минимум 4.000 млади лица, за кои се обезбедени 160 милиони денари.
Директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска рече дека Агенцијата е потполно подготвена за успешна имплементација на Оперативниот план за 2020 година и се задржа на презентација на планираните обуки за доквалификација и преквалификација, со коишто е планирано да се опфатат 3.224 лица, како и на мерката практиканство.
„Оваа година ќе имплементираме обуки кај работодавачи, обуки за стручни квалификации, за занимања, за возачи, за претприемништво и за ИТ вештини. Обуките се однесуваат за оние дефицитарни занимања, за да им се излезе во пресрет на работодавачите и невработените лица. Практиканството е мерка која ја побаруваа и компаниите и невработените, а во 2020 година планиран е опфат од 1.575 лица со буџет од 46 милиони денари. И покрај тоа што немаа обврска, треба да споменеме дека околу 50% од практикантите беа задржани кај работодавачите и по завршување на процесот на практиканство“, нагласи директорката Јовановска.