Заменичката на претседателот на Владата задолжена за економски прашања, Мила Царовска и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски, ја посетија компанијата Фејдом, една од компаниите-корисници на кофинансирани грантови за поддршка на иновации.
Вицепремиерката Царовска посочи дека во изминатите две и пол години Фондот за иновации и технолошки развој значително го зголемил опфатот на компаниите коишто се поддржани. Ако во 2017 година во портфолиото на Фондот биле само триесетина компании со вкупна поддршка од околу 1 милион евра, во моментов се поддржани 314 микро, мали и средни компании, а проектите кои се во реализација се со вредност од 57 милиони евра, што значи дека поддршката од ФИТР кон компаниите преку мерките од Планот за економски раст е многукратно зголемена.
„Микро, малите и средни компании се двигател на економскиот раст и преку Фондот за иновации и технолошки развој и други инструменти, државата треба да продолжи да го поддржува нивниот развој. Важно е дека се поддржуваат компании на целата територија, односно во повеќе општини и во различни сектори. Со силна и посветена работа како Влада изминатите две и пол години направивме економски пресврт. Од бруто домашен производ кој што беше - 1,8 %, постигнавме просечна вредност на раст на БДП од 3,6% во 2019 година. Компаниите и работниците веќе ги чувствуваат нашите одговорни политики и мерки. Минималната плата е зголемена за 60% и изнесува 14.500 денари, а просечната плата исплатена во ноември 2019 изнесува 25.787 денари. Навистина ми е драго што Фејдом е една од компаниите што знае да го цени трудот на вработените и просечната плата којашто ја исплаќа е околу 29.000 денари, што е над државниот просек“, нагласи вицепремиерката Царовска.
Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Деспотовски рече дека компанијата Фејдом досега е помогната од државата со 9,6 милиони денари, нивниот проект започна да се спроведува во 2018 година, а истиот е со времетраење од 24 месеци. Toj потсети дека анализата што ФИТР ја направи минатата година за компаниите кои се поддржани од Фондот покажува просечен раст на приходите на поддржаните компании од 50%, просечен раст на добивката од 60%, просечен раст на платите од 40% и раст на вработувањата од 27%.
„Фирмата Фејдом ангажира околу 100 луѓе. Вицепремиерката спомена дека просечните плати во компанијата се веќе 20-ина проценти над националниот просек. Ќе споменам уште еден податок: во сите овие 314 компании што ги финансираме, ангажирани се нови над 1500 лица коишто земаат просечни плати од 60-70% над националниот просек, и тоа со реални инвестиции, со реално производство, со реални луѓе. Гледаме од денешниот пример, со инвестиција во реорганизација на самиот процес на производство, рокот на испорака е скратен значително и со тоа, компанијата ја зголемува конкурентноста на меѓународниот пазар. Дека не инвестираме во фирми коишто остануваат само во Македонија, се гледа по Фејдом кои освојуваат и меѓународни дизајнерски награди, во 2019 и во 2020 година во Сојузна Република Германија. Оваа компанија со поддршката што ја добива од државата успева да добие врвна дизајнерска награда во Германија со што се дополнува вредноста на брендот и се зголемува додадената вредност што понатаму останува во економијата“, потенцираше Деспостовски.
Основачот на компанијата Фејдом, Зоран Радоњанин, изрази благодарност до Владата и Фондот за иновации за поддршката во реализација на нивниот проект, наречен „0-48“, со којшто се зголемува продуктивноста на компанијата и секое порачано парче мебел се изработува во рок од 48 часа.
„Инвестиравме во нова ЦНЦ машини за кроење на дрвените плочи и текстил и правиме комплетна реорганизација на производствениот процес, со што времето на испорака од 15-30 дена, ќе можеме да го скусиме на само 48 часа. Првите проби покажуваат дека сме кон крајот на процесот, во март 2020 година ќе почнеме со дневна имплементација на реорганизираното производство, а до крајот на 2020 очекуваме потполна реализација, што ќе биде нова можност за развој и на Фејдом и можност за нашите клиенти“, кажа директорот на Фејдом Радоњанин.