Комисиите за помош и нега од друго лице работат непречено, решени се 8500 предмети. Новите комисии кои се формирани во рамки на јавните установи за здравствена заштита, функционираат непречено.
МТСП со новиот Закон за социјална заштита ја укина Комисијата која одлучуваше во прв степен за правото за помош и нега од друго лице. Таа беше нефункционална и времето на решавање на предметите беше 3 до 4 месеци. За да се скрати времето на решавање и да се подобри квалитетот и стручноста во решавањето на предметите, со новиот Закон за социјална заштита потребата за помош и нега од друго лице ја утврдуваат стручни комисии формирани во јавни здравствени установи.
Формирани се 15 комисии, од кои 5 во Скопје, во состав од тројца доктори специјалисти или супспецијалисти од следниве области: интерна медицина, неврологија, психијатрија, физикална медицина и рехабилитација, ортопедија или офталмологија.
Комисиите ги решија предметите во рокот што им беше даден за постапување - 01 февруари.
Приоритет на Владата е интересот на граѓаните и во иднина ќе овозможиме непречено остварување на правата од социјална заштита и обезбедување квалитетни социјални услуги.