Во организација на претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски, по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик денеска, во Владата се одржа јавна дискусија во рамките на подготовките за донесувањето на Програма за покренување на јавната свест за примена на Законот за употреба на јазиците.
На дискусијата, покрај премиерот Спасовски воведни обраќања имаа и потпретседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедници Садула Дураки, директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците Илхан Рахман и директорот на Агенцијата за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните на Република Северна Македонија Илбер Села, а модератор на настанот беше заменикот на Генералниот секретар на Владата Тахир Хани.
Во обраќањето, премиерот Спасовски истакна дека оваа дискусија е уште еден заеднички чекор на најдобар можен начин да се промовира и практикува владината стратешка определба за изградба на концептот „Едно општество за сите“, инспириран од големата европска идеја – Обединети во различностите.
„Од формирањето во 2017-та година, Владата континуирано работи на создавање на одржливо граѓанско општество во кое е афирмирана и воспоставена меѓусебна почит меѓу сите етнички заедници во земјата, со истовремено признавање на етничките, националните, верските и културните разлики. Оваа цел во себе ги обединува посебноста и суштината на нашето заедништво, и во таа насока убеден сум дека сите учесници на денешната дискусија ќе го дадат значаен придонес во таа насока“, наведе премиерот Спасовски.
Тој истакна дека тргнувајќи од Националната стратегија за развој на концептот на едно општество и интеркултурализам, како и од обврската од Законот за употреба на јазиците, Владата на Република Северна Македонија е задолжена да развие Програма за покренување на јавната свест за доследна примена на Законот за употреба на јазиците.
„Примената на Законот за употреба на јазиците се заснова на промовирање на основните човечки вредности, еднаквост на слободите и човековите права и на почитување на различностите. Концептот на разноличност во Република Северна Македонија треба да се прифати како мост помеѓу различните етнички заедници во земјата. Како истоветна слика на концептот на Европската Унија и НАТО, како организации кои во различноста го пронајдоа и го јакнат единството и заедништвото“, истакна премиерот Спасовски.
Воедно тој подвлече дека Владата на Република Северна Македонија од 2017 година, е определена да им овозможи на сите граѓани полесно да функционираат во секојдневниот живот и во комуникацијата со институциите.
„Се определивме за политики што ја градат Република Северна Македонија како граѓанска држава на сите кои живеат во неа: Македонците, Албанците, Турците, Србите, Власите, Ромите, Бошњаците и сите други заедници. Креираме јазични политики кои се сообразуваат според потребите на граѓаните од сите етнички заедници. Ако некој граѓанин има право да зборува на својот мајчин јазик, со тоа не губат другите граѓани, туку добива Република Северна Македонија, како граѓанска и демократска држава“, нагласи премиерот Спасовски.
Тој истакна дека Македонците како мнозински народ во нашата земја ја имаат одговорноста да креираат политики и атмосфера за негување, заштита и унапредување, афирмација и поддршка на употребата на сите останати јазици на припадниците на граѓаните кои живеат во нашата земја.
„Македонскиот јазик денес е признаен во целиот свет. Рамноправен со сите светски јазици. Запишан како македонски јазик во личната карта и во каталогот на нациите во Обединетите Нации. Како што е посебен и рамноправен и македонскиот народ во заедницата на народите“, подвлече премиерот Спасовски.
Во обраќањето претседателот на Владата Спасовски наведе дека на централно ниво, со примена на Законот за употреба на јазиците се употребува македонскиот јазик и неговото писмо, и албанскиот јазик и неговото писмо, додека на локално ниво, се употребуваат повеќе јазици освен македонскиот јазик.
„Албанскиот јазик се употребува во 25 општини, турскиот јазик во 10 општини, српскиот јазик во 3 општини, ромскиот јазик во 2 општини, босанскиот јазик во 2 општини и влашкиот јазик во една општина. Ова покажува отвореност на општеството на нашата држава на сите рамништа, особено земајќи во предвид дека во неколку од општините во кои се употребуваат повеќе јазици, тоа е направено со одлука на советот, а не поради законска одредба, што ја покажува желбата на институциите да бидат отворени и пристапни кон своите граѓани“, наглaси премиерот Спасовски.
На крајот од обраќањето премиерот Спасовски по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик освен на македонски упати честитки на турски, ромски и на албански јазик.
Министерот Дураки во својот говор се осврна на примената на Законот за употреба на јазиците, при што наведе дека значаен сегмент во неговата имплементација е постоењето на волја и свест кај граѓаните за јазичниот диверзитет и истакна дека на јазичните различности треба да се гледа како на вредност, а не како на пречка.
„Во јуни минатата година, Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците започна со работа. Несомнено, во наредниот период, ова министерство, заедно со Агенцијата за спроведување на законот за употреба на јазиците и Инспекторатот за спроведување на законот за употреба на јазиците, ќе бидат клучни институции во креирањето и спроведувањето на политиките за употребата на албанскиот јазик во Република Северна Македонија. Но, помошта на сите други институции во Јавниот Сектор, невладините организации и граѓаните на Република Северна Македонија е повеќе од потребна во целосното спроведување на законот за употреба на јазиците“, оцени Дураки.
На јавната дискусија се обрати и директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците Илхан Рахман, кој нагласи дека Република Северна Македонија е успешен пример во однос на спектарот на употребата на јазиците на заедниците. Воедно тој посочи дека е потребно преку дополнителни системски решенија и мерки да се заштитат јазиците на помалите заедници, особено оние со мал број на говорители како влашкиот јазик.
Свое обраќање на дискусијата имаше и директорот на Агенцијата за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните на Република Северна Македонија Илбер Села, кој во нагласи дека ширината на употребата на јазиците е рефлексија на демократските капацитети на едно општество, но и основно човеково право.
Директорот Села се осврна и на предизвиците околу практичната имплементација на Законот за употреба на јазиците и нагласи дека тоа треба да се спроведува низ разбирање, дијалог и толеранција за различностите.
На јавната дебата во Владата присуствуваа голем број претставници од општествената јавност и дел од нив во работната дискусија ја поздравија Иницијативата да се разговара за унапредување и почитување на употребата на мајчиниот јазик со негување на различностите и почитување на јазиците на сите народи.
Ширум светот денеска и утре, под покровителство на Обединетите Нации и УНЕСКО, се организираат настани преку кои се промовираат негувањето и афирмацијата на сите јазици што ги користат народите во светот. Темата што ја предложи УНЕСКО за одбележување на годинашниот Меѓународен ден на мајчиниот јазик е „Јазици без граници“.