Министерот за надворешни работи Никола Димитров, на покана на министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас, денес во Солун учествуваше на конференцијата на високо ниво посветена на европската перспектива на Западниот Балкан „Од Солун до Загреб”.
Министрите за надворешни работи од регионот на Западен Балкан и од земји-членки на ЕУ кои граничат со Регионот, заеднички се заложија за силна, стабилна и обединета Европа во мир преку целосна интеграција на Западниот Балкан во Европската Унија.
МНР Димитров: „За да може да се продолжи да се говори за европската перспектива на Регионот, неопходно е постигнување на консензус за зелено светло за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија без одлагање. Март ќе биде тест и за геополитичките амбиции на новата Комисија и на самата ЕУ за кредибилно глобално влијание. Што се однесува до нас, не сме совршени, но сметам дека сите ќе се согласите дека изградивме силно досие и испорачавме. Крајно време е и да се препознае важноста на моментот од страна на Европскиот совет и да се зграпчи шансата за заеднички успех.”
На таа линија беа и дел од заклучоците на конференцијата од која произлезе и заедничка изјава, во која се изразува очекување дека согласно препораките на Европската комисија, ЕУ ќе донесе одлука за отворање на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија пред Самитот во Загреб во мај 2020 година.
На маргините на конференцијата, министерот Димитров оствари билатерална средба со Хелга Шмид, генерална секретарка на Службата за надворешни работи на ЕУ (ЕЕАС), на која разменија мислења околу актуелната атмосфера во рамки на ЕУ институциите и земјите-членки, како и за евентуалните предизвици и изгледите за заслуженото конечно исчекорување напред на Северна Македонија на евро-интегративниот пат. Од страна на на ГС на ЕЕАС, Шмид искажа признание за крупните чекори и напредокот што земјата го направи, изразувајќи надеж дека овој пат ќе има добри вести за почеток на преговорите.
МНР Димитров имаше куси разговори и со учесниците на конференцијата, меѓу кои грчкиот МНР Никос Дендиас, хрватскиот МНР Грлиќ-Радман, црногорскиот МНР Срѓан Дармановиќ, словенечкиот МНР Миро Церар, како и со Мачеј Поповски, заменик генерален директор за соседска политика и преговори за проширување при ЕК.