Министерот за здравство д-р Венко Филипче на денешната прес-конференција информираше дека единствената пациентка заболена од корона вирус е во добра здравствена состојба.
„Единствената пациентка заболена од корона вирус е добра. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, веќе трет ден нема температура, што значи дека постепено состојбата се стабилизира и започнува раната фаза на опоравување. Во изминатото деноноќие нема нови пациенти коишто се јавиле и кај коишто е индициран тест за корона вирус. Изолацијата се одвива добро. Епидемиолозите се во редовен контакт со луѓето кои се во домашни услови. Има доволно количини на тестови, близу 1000. Будно се следи состојбата. Досега тестирани се 13 лица на коишто беа тестовите негативни“, потенцираше министерот Филипче.
Филипче истакна дека во тек е набавката на количина на дезинфекциони средства за училиштата и набавката за дополнување на нашата резерва.
„Во тек е набавката на дезинфекциони средства за училиштата и набавката за дополнување на нашата резерва. Очекуваме утре да биде потпишан договорот, по што сите тие средства ќе бидат дистрибуирани по школите во соработка со претставници на локалната самоуправа Во моментов, од резервата се праќаат одредени количини на барање на јавно-здравствените институции и на граничните премини.“, рече министерот Филипче.
Викендов во државата се пристигнати 10 автобуси на граничниот премин Табановце и се извршени анкетите кај патниците на скопскиот и охридскиот аеродром. Нема податок дека има заболен, ниту пак дека некој од патниците бил во контакт со заболено лице во некој од ризичните региони во Северна Италија.
„Преку Светската здравствена организација, вчера бевме известени дека двајца наши колеги лекари престојувале на конгрес во Мадрид, каде што во текот на вчерашниот ден кај еден од предавачите било потврдено дека е заболен од корона вирус. Докторите стигнале во земјава доцна во саботата навечер. Вчера биле дома и не биле на работа. Немале контакт со голема бројка на луѓе, освен со семејството. Тие денеска ќе бидат тестирани на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, а потоа ќе им биде препишан здравствен надзор во домашен карантин во времетраење од 14 дена“, изјави министерот Филипче.
Според последните бројки на СЗО од утринава, во европскиот регион се регистрирани вкупно 2156 заболени од корона вирусот, а од вчера први заболени пријавиле Ерменија, Ирска и Чешка.
Контролата на дел од аптеките која Државен пазарен инспекторат ја започна во петокот по поплаките на граѓаните дека драстично се зголемени цените на медицинските маски и средствата за дезинфекција, не утврди нерегуларности. Контролата ќе продолжи и кај останатите аптеки, соопшти министерот Филипче, и додаде дека освен медицинскиот алкохол (метанол 70%) за којшто беше утврден недостиг, граѓаните може да користат и изо-пропил алкохол којшто го има во аптеките и кој не е дефицитарен.