Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, се сретна со делегација на Националниот совет на Република Австрија, предводена од претседателот на Советот, Волфганг Соботка.
На средбата е соопштено дека продолжува јасната поддршка од Република Австрија за европерспективите на нашата држава и за отворањето на преговорите со ЕУ.
Изразени се честитки за патот што го изоде Република Северна Македонија во реформскиот процес и во добрососедските односи. Констатирано е дека Договорот од Преспа е пример за решавањето чувствителни билатерални прашања и во целиот регион. Посебно е посочен како важен чекор за напредокот, донесениот Закон за јавно обвинителство.
Премиерот Спасовски се заблагодари за пријателската, искрена и континуирана поддршка што ја добива нашата држава од Република Австрија.
„Денешната средба се случува во важен период, кога очекуваме нашата држава да стане полноправна членка на НАТО, а по донесените важни, храбри и визионерски одлуки, со право очекуваме и одлука за почеток на преговорите со Европската унија. Продолжуваме да даваме позитивни аргументи и остануваме посветени на реформските процеси и на сите аспекти што се очекуваат од Република Северна Македонија, во однос на преговарачкиот процес“, рече премиерот Спасовски.
На средбата се разговараше за можностите за поефикасна економска соработка, како и за можен придонес од пријателите од Австрија во делот на што поквалитетни законски решенија. Оценето е дека економската соработка е на добро ниво и дека има можности за натамошен развој.
Разговарано е и за миграциската состојба, при што е потврдена досегашната успешна соработка помеѓу двете држави. Премиерот Спасовски соопшти дека нашата земја е подготвена, преку заеднички европски политики, како и досега, да има усогласен настап во врска со решенијата по ова прашање.