Македонија и Русија потпишаа Програма за соработка во културата
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и заменик-министерот за надворешни работи на Руската Федерација Владимир Титов денеска ја потпишаа Програмата за соработка во областа на културата, образованието, науката и спортот меѓу Владата на Руската Федерација и Владата на Република Македонија со важност од 2012-2015 година.
Оваа Програма претставува правна рамка за интензивирање на односите меѓу Македонија и Руската Федерација, за поинтензивна соработка меѓу институциите, размена на проекти и уметници. Се отвора можност за заемно признавање на дипломите од високо-образовните установи во двете држави, а наскоро треба да се потпише и Спогодба за основање на културни центри.
Пред потпишувањето на Програмата, Канческа-Милевска оствари работна средба со Титов. На средбата таа изразила благодарност за поддршката од Руската Федерација околу уставното име, култура и идентитет.
Министерката Канческа–Милевска истакна дека досега со Руската Федерација имаат реализирано голем број проекти на институционално ниво и потсети на Деновите на македонската култура што се реализираа во Москва и во Санкт Петербург, на добро организираната културна соработка меѓу националните институции и на манифестацијата Денови на руската духовна култура во Република Македонија од 2010 година.
Таа им се заблагодари на сите уметници кои изработиле дел од експонатите, сликите и сцените во новата Национална установа „Музеј на македонската борба за државност и самостојност“ Музеј на ВМРО и Музеј на жртвите од комунистичкиот режим кој, како што рече, претставува гордост за Македонија.
Канческа - Милевска изрази задоволство од преведувачката и издавачката дејност меѓу Македонија и Руската Федерација, односно што голем број книги се преведени од македонски на руски јазик.
- Не планираме да прекинеме со соработката на културен и образовен план, туку да ја унапредуваме. Активно работиме на отворање на културно-информативни центри во двете држави, рече заменик-министерот Титов и ја потенцира важноста од овој документ за следните четири години.