Конференција за зајакнување на капацитетите на Комисијата за жалби по јавни набавки
Македонија е еден од лидерите во областа на јавните набавки не само во регионот, туку и во светот. Нашиот систем за електронски јавни набавки е еден од најсофистицираните, а со последните измени на Законот за јавни набавки сме и една од ретките држави во која 100 проценти од јавните набавки се одвиваат по електронски пат.
Ова го изјави вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски на паузата на завршната национална конференција што се одржа денеска во рамки на Проектот финансиран од ЕУ „Поддршка за зајакнување на капацитетите на Комисијата за жалби по јавни набавки“.
Проектот, што траеше осум месеци, е во насока на засилување на постапките за увид во текот на доделување договори што треба да придонесе за развој на ефикасен, прегледен и транспарентен систем на набавки што ќе има позитивно влијание врз развојот на приватниот сектор.
Државната комисија за жалби по јавни набавки, нагласи Пешевски, е еден од клучните елементи во системот за јавни набавки заради што е неопходно натамошното зајакнување на нејзините капацитети.
- Паралелено со развивањето на регулативата потребно е во општеството да се развиваат и повисоки морални норми бидејќи секој систем има и свои слабости. Затоа е најдобро да биде базиран на висока етика кај оние што учествуваат и кај вработените во државните органи дека средствата што се употребуваат во набавките се туѓи и им припаѓаат на граѓаните. Затоа е неопходна максимална транспарентност на постапките, рече Пешевски.
Процесот на формирање законска регулатива, додаде, и воопшто системот на јавни набавки кој опфаќа и формирање и кадровско екипирање на соодветни институции од таа област и во делот на обука на државните органи за спроведување на јавни набавки, е континуиран.
- Секаде каде што ќе бидат констатирани слабости во имплементацијата, независно дали во делот на процедурата или можеби во несоодветните прекршочни и казнени одредби, ќе бидат променети. Со последниот пакет направивме значителни измени зашто беше акумулирано искуство од неколку години, рече Пешевски и додаде дека за Владата не е невообичаено, напротив е нормална пракса, кога ќе се воочи одредена слабост веднаш да се интервенира со цел да се подобри системот.
Претседателот на Државната комисија за жалби по јавни набавки Маја Малахова истакна дека Проектот позитивно влијаел на зајакнувањето на капацитетот на Комисијата и на целиот систем на јавни набавки.
- Во рамките на овој Проект се остварија повеќе средби со економски оператори, со договорни органи, со невладини организации, со Бирото за јавни набавки и со судиите од Основниот и Вишиот управен суд со што се решија некои од проблемите во системот за јавни набавки. Од Проектот излегоа и предлози да се направат измени кои ќе почнат да важат од годинава, а кои се чекор напред и во европски рамки. Како орган веќе нема да постапуваме само по жалби за јавни набавки, туку и по концесии преку јавно-приватно партнерство, појасни Малахова.
Според неа, системот за електронски јавни набавки ја подобрува транспарентноста на јавните набавки и овозможува сузбивање на криминалот, но не значи и намалување на бројот на жалбите за постапките. Во 2009 година, додаде, до Комисијата имало 1.040 жалби, во 2010 година околу 900, а во 2011 година само 760 жалби.
- Сите кои имаат потреба да се жалат кога сметаат дека некоја постапка е повредена уште во самиот старт тоа и го прават. Во последниве три години се бележи намалување на бројот на жалби по јавни набавки, но не поради менувањето на некои одредби во законот, туку поради рецесијата која доведе до намалување на набавките, како и поради изборите, рече Малахова, нагласувајќи дека секогаш во изборна година има мирување на јавните набавки во предизбирниот период.
Ефикасниот систем на правна заштита, додаде, се очекува дополнително да ја подобри одговорноста и транспарентноста во рамки на системот за јавни набавки и да има позитивно влијание врз довербата на јавноста во системот за управување со буџетот.