Владата на Република Северна Македонија на денешната 21 седница, го разгледа и го усвои Записникот од Вториот состанок на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на Коронавирус COVID-19, одржан на 17 март 2020 година и заклучи истиот да се достави до сите надлежни институции, со цел итно реализирање на мерките и препораките содржани во истиот.
Истовремено, во врска со групата наши државјани, кои организирано со конвој од автобуси пристигнуваат од Република Италија на граничниот премин Деве Баир, Владата ги донесе следните заклучоци:
1. Се задолжува Министерството за внатрешни работи да го обезбеди нивниот транспорт, без запирање и без напуштање на транспортот и истите да ги смести во капацитетите на Криволак.
2. Се задолжува Армијата на Република Северна Македонија да го огради периметарот на овој капацитет на Криволак и да го обезбедува просторот во кои овие лица ќе бидат сместени, со цел лицата да не може да го напуштат.
3. Се задолжува Министерството за здравство да обезбеди лекарски тимови за овие лица.
4. Се задолжува Министерството за одбрана да обезбеди вода и храна за потребите на овие лица во текот на денешниот ден, а во текот на утрешниот ден по потреба и од Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Северна Македонија.
5. Се задолжува Министерството за труд и социјална политика да побара преку УНДП вода и храна за потребите на овие лица за наредниот период.
6. Се задолжуваат Министерството за одбрана, Министерството за труд и социјална политика и Службата за општи и заеднички работи да обезбедат мобилни тоалети за потребите на овие лица.
На оваа владина седница му претходеше состанокот на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на Коронавирус COVID-19, кој го раководеа Оливер Спасовски, претседател на Владата на Република Северна Македонија и м-р Радмила Шекеринска Јанковска, заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија и министер за одбрана.
На состанокот присуствуваа членовите на Главниот координативен кризен штаб и тоа: м-р Радмила Шекеринска Јанковска, заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија и министер за одбрана, Мила Царовска, заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, д-р Бујар Османи, заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за европски прашања, д-р Венко Филипче, министер за здравство, Наќе Чулев, министер за внатрешни работи, м-р Никола Димитров, министер за надворешни работи, д-р Арбр Адеми, министер за образование и наука, м-р Горан Сугарески, министер за транспорт и врски, д-р Нина Ангеловска, министер за финансии, м-р Агрон Буџаку, директор на Центарот за управување со кризи, Аднан Џаферовски, директор на Дирекцијата за заштита и спасување и Ѓоко Танаскоски, директор на Царинската управа на Република Северна Македонија.
На состанокот на Главниот координативен кризен штаб присуствуваа и Славјанка Петровска, дополнителен заменик на министерот за внатрешни работи и Зоран Попов, државен секретар во Министерството за надворешни работи.
На состанокот на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на Коронавирус COVID-19 се утврди следниот Дневен ред:
Точка 1: Тек и прогрес на активностите на сите надлежни институции за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на Коронавирус COVID-19;
Точка 2: Прашања и предлози;
По однос на точката 1 од Дневниот ред, д-р Венко Филипче, министер за здравство ги информираше членовите на Главниот координативен кризен штаб и другите присутни лица за моменталните состојби и текот и прогресот на сите теренски екипи од сите надлежни институции, особено во подрачјата на кои постои кризна состојба. Во овој момент вкупниот број на позитивни случаи е 22 лица.
Согласно информирањето и предлозите изнесени во расправата на состанокот од членовите и другите присутни лица по однос на оваа точка, Главниот координативен кризен штаб, ги усвои следниве заклучоци:
1. Ги разгледа потребите и проблемите за решавање во реоните на општините Дебар и Центар Жупа (доставени во прилог на овој Записник), заклучи:
- Во однос на точките 1., 2. и 3. да се спроведат согласно протоколите за влез на Министерството за здравство, со соодветна опрема за заштита.
- Во однос на точка 4. да биде решен преку протоколот за влез на Министерството за здравство и доколку биде потврдено од Министерството за здравство и Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
- Во однос на неопходниот дотур на храна, лекови и други итни и неопходни производи и заштитни средства, Министерството за внатрешни работи да ги спроведе лицата кои вршат дотур на овие производи за оние лица кои се затечени во тампон зоната.
- Сите останати потреби и проблеми за решавање во реоните на општините Дебар и Центар Жупа да бидат спроведени и реализирани согласно законските надлежности на сите засегнати институции, финансиските средства на овие надлежни институции и постојните протоколи на Министерството за здравство.
2. Го одобри Барањето доставено од МЛ-Гари ДОО Подружница с. Гари – Дебар, под бр.0302-15 од 16.03.2020 година, во однос на продолжување на работата под посебни услови на подружницата и заклучи начинот на работата да продолжи и да се организира по услови и на ист начин како и за другите големи производствени капацитети на подрачјата на општините на кои е прогласена кризна состојба.
3. Сите единици на локалната самоуправа во Република Северна Македонија, веднаш да направат план и да спроведат дезинфекција на сите улици и јавни површини на територијата на општините.
4. Во однос на извршените контроли од страна на Министерството за внатрешни работи, до одржување на седницата на Владата, Министерството да достави детален извештај од извршените контроли, кои мерки се преземени, против кои лица (со име и презиме) и во кој период.
5. На седницата на Владата да се разгледа можноста и Владата да заземе став во однос на тоа секое лице кое ги напушта границите на Република Северна Македонија, да потпише лична изјава со која ќе се обврзе во наредните три месеци да не се врати назад во Република Северна Македонија.
6. За наредниот состанок на Главниот координативен кризен штаб сите институции да ги пријават своите потреби за набавки, исклучиво кои се итни и неопходни, во функција на обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на Коронавирус COVID-19.
7. Мила Царовска, заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжена за економски прашања и за координација со економските ресори да стапи во контакт со директорот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, со цел издавањето на потребните дозволи за возачите кои управуваат товарни моторни возила да биде забрзано.
8. Го прифати барањето на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија, под бр.02-1269/1 од 12.03.2020 година (доставено во прилог на овој записник), односно одобри на Фондот да го одложи приемот на странки во инвалидските комисии.
9. Министерството за образование и наука, во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација, Бирото за развој на образованието, УНИЦЕФ и други засегнати лица и институции, уште во текот на денешниот ден да започне со подготовка на план и начин на спроведување на онлајн настава за учениците во основните и средните училишта во Република Северна Македонија, со распоред на часови и да се искористат сите канали за комуникација и најдоцна до 19.03.2020 година (четврток) истиот да го презентира на Главниот координативен кризен штаб и на Владата.
По однос на точката 2 од Дневниот ред, немаше прашања и предлози.
Горенаведените, заклучоци, препораки и констатации беа едногласно прифатени, без забелешки од членовите на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на Коронавирус COVID-19 и за задолженијата кои произлегуваат од истите веднаш да бидат информирани сите надлежни институции, со цел нивно итно операционализирање и реализирање.
Извадок од Нацрт – записникот од 21-та седница на Владата на Република Северна Македонија