Со измените на Законот за квалитет на амбиентниот воздух фабриките да не загадуваат над 25 проценти од дефинираното
Допрецизирање одредени дефиниции и на изворите на загадување на амбиентниот воздух, дополнување со критични нивоа како категорија за оценка на квалитет на воздух и измени во делот на изработката на плански докумнти е целта на измените и дополнувањата на Законот за квалитет на амбиентниот воздух.
Согласно измените кои се во собраниска процедура, како што информира на денешната прес-конференција министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми, план за квалитет на воздух ќе се изработува за оние зони и агломерации каде што нивоата на загадувачките супстанции во амбиентниот воздух ги надминуваат граничните или целните вредности, со цел да се постигне соодветната гранична или целна вредност на амбиентниот воздух.
- Краткорочен акциски план ќе се изработува за зоните и агломерациите каде постои ризик нивоата на загадувачки супстанции да надминат еден или повеќе од праговите за алармирање, во кои се утврдуваат мерки кои треба да се преземаат на краток рок особено за идентификација на причините за настанатите појави за да се намали ризикот или времетраењето на надминувањата, рече Адеми.
Единиците на локаните самоуправи, појасни тој, треба да изработат планови за амбиентален воздух и да се дефинира учеството на инсталациите во зоните каде што се концентрирани повеќе инсталации. Една инсталација не треба да надминува 25 отсто од дефинираните вредности во плановите.
- Досега ова не беше дефинирано и Министерството, односно Инспекторатот не можеше да дефинира дали една инсталација загадува повеќе или помалку. Со ова една инсталација не може да загадува повеќе од 25 проценти од пропишаните гранични вредности за квалитет на воздухот, истакна Адеми.