Владата објави јавни повици за организирање авионски превоз за македонски граѓани со моментален престој во странство за враќање во земјата и за интервентна набавка на заштитни маски

Владата на Република Северна Македонија денеска (25 март 2020 година) објави јавен повик (https://vlada.mk/node/20711) за организирање авионски превоз за пренесување на македонските граѓани на територија на Република Северна Македонија, по претходно прибавена листа од Министерството за надворешни работи на пријавени патници, македонски граѓани со моментален престој во странство.

За дестинации за чартер летови се утврдени: 

- Малта – Скопје (148 патници)

- Загреб – Скопје (226 патници)

Крајниот рок за организарање на летовите треба да биде до 27.03.2020 година (петок) до 12:00 часот.

Право на учество има секоја авио компанија или туристичка агенција која ќе организира чартер летови од градовите во Европа до Република Северна Македонија.

- Критериум за избор на најповолен понудувач е најниска цена.

Генералниот секретаријат ќе склучи договор и ќе изврши плаќање на избраната најповолна понуда врз основа на дадениот критериум за избор.

Понудите да се достават електронски, заверени, потпишани од страна на одговорно лице и во скенирана форма на следната е-маил адреса: gs@gs.gov.mk

Јавниот повик ќе трае 12 часа од моментот на неговото објавување на веб страната на Владата на Република Северна Македонија, односно понудите да се достават најдоцна до 25.03.2020 година до 22:00 часот.

Понудите кои нема да бидат доставени во предвидениот рок нема да бидат разгледувани.

Лицата кои ќе се пријават на повикот, при влез во авионот ќе потпишат договор помеѓу нив и Владата на Република Северна Македонија во кој гарантираат дека ќе ја исплатат сумата определена за авионскиот билет на сметка на Владата на Република Северна Македонија и ќе пополнат Изјава дека се согласни по пристигнување на територија на Република Северна Македонија да бидат сместени во објектите за државен карантин во траење од 14 дена.

Лицата ќе бидат преземени од Меѓународниот аеродром Скопје, со организиран превоз до местата определени за државен карантин.

Лицата кои ќе патуваат имаат рок од 15 дена од денот на пристигнувањето да извршат уплата на сумата за авиобилетите согласно склучениот договор.

Враќањето на средствата треба да го извршат на образец ПП-50 во кој треба да ги внесат следните податоци:

Назив на примач: 

Буџет на Република Северна Македонија

Транс.сметка 100 000000063095

Сметка на корисник   630010001963019

Приходно конто   725939  00

Во цел на дознака:  Враќање средства на сметка 040010007863713, расходно конто 420220 потпрограма 10.

Договорот помеѓу патниците и Владата на Република Северна Македонија, во кој гарантираат дека ќе ја исплатат сумата определена за авионскиот билет на сметка на Владата на Република Северна Македонија има својство на извршна исправа и може да биде предмет на извршување во случај на неисполнување на обврската од договорната страна.

За дополнителни информации понудувачите може да се обратат до Владата на Република Северна Македонија – Генерален секретаријат на телефон 02/3118-022.

 

Вториот јавен повик, што денеска го објави Владата на Северна Македонија е интервентна набавка на заштитни маски со цел спречување на последиците од корона вирусот (COVID 19) за време на вонредната состојба (https://vlada.mk/node/20710).

Повикот утврдува дека маските треба да бидат изработени од материјал погоден за производство на заштитни маски на понудувачот или од материјал погоден за производство на заштитни маски обезбеден од Владата на Република Северна Македонија.

Право на учество на јавниот повик имаат сите домашни производители кои ги исполнуваат условите од овој повик

Економските оператори што ќе се јават на овој повик треба да ги исполнуваат следните услови и тоа: 

- Испорака на најмалку 2000 маски дневно;

- Маските треба да бидат за повеќе употреби и треба да може да се перат;

- Испораката да се врши за период на траење на вонредната состојба, на различни локации во Скопје;

- Единечната цена по маска да изнесува максимум 40 денари плус данок на додадена вредност за маските изработени од материјал за изработка во сопственост на економскиот оператор;

- Единечната цена по маска да изнесува максимум 25 денари плус данок на додадена вредност за маските изработени од материјал обезбеден од страна на Владата на Република Северна Македонија;

- За материјалот од кои ќе се изработуваат заштитните маски потребно е да се поседува соодветен сертификат за квалитет издаден од страна на овластена лабораторија.

Понудите од овој повик да се достават во затворен плик, по пошта или лично до архивата на Договорниот орган на следната адреса: Влада на Република Северна Македонија – Генерален секретаријат, бул. „Илинден“ бр.2, 1000 Скопје.

Јавниот повик ќе трае 24 часа од моментот на неговото објавување на веб страната на Владата на Република Северна Македонија, односно понудите треба да бидат доставени најдоцна до 26.03.2020 година до 15.30 часот. Понудите кои нема да бидат доставени во предвидениот рок нема да бидат разгледувани.

Комисија составена од 3 (три) члена од редовите на Генералниот секретаријат ќе извршат оценување на способноста на понудувачите согласно бараните услови во повикот и ќе предложат избор до Одговорното лице.

Економскиот оператор кој ќе достави понуда и ќе склучи договор, доколку не го исполни предметот на набавката според квалитет и квантитет ќе добие негативна референца за учество на јавни набавки.

За дополнителни информации понудувачите може да се обратат до Владата на Република Северна Македонија – Генерален секретаријат на телефон 02/3118-022.