Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче на редовната прес-конференција информираше дека од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, денеска, се испишани пет пациенти. Тие биле негативни на двата контролни теста, во добра општа состојба и ќе се упатат на домашно лекување.
„Од 28-те пациенти во Дебар, коишто се наоѓаат на домашно лекување, на 11 од денеска и во следните денови им се земаат контролните брисеви. Тие се во сосем добра општа здравствена состојба, поминати се доволен број денови за да се очекува дека се негативизирани, согласно нивната состојба и согласно тоа ќе се постапи во однос на нивниот натамошен третман. За жал, имаме уште еден смртен случај, тоа е пациентка на 65 години со бројни претходни заболувања на белите дробови, зголемен крвен притисок, дијабет, хронична болест на срцето. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби вчера се примени девет нови пациенти, сега се хоспитализирани вкупно 59, од кои 12 се со потешка клиничка слика, а пет пациенти се поставени на механичка вентилација“, изјави министерот Филипче.
Во однос на дневната статистика, во изминатите 24 часа се регистрирани 25 нови случаи на пациенти со коронавирус во нашата земја, по градови: Скопје-7, Куманово-7, Прилеп-2, Тетово-5, Струга-2, Гевгелија-1 и Кочани-1.
Со ова, информираше Филипче вкупната бројка хоспитализирани пациенти во нашата земја е 354, а вкупниот број тестирања досега во нашата земја изнесува 3.775. Сите пациенти од Заводот за рехабилитација во Козле се испишани и тие се упатени на домашно лекување, а таму каде што е поставена индикација, амбулантски ќе се вршат третмани во болницата „8 Септември“.
Министерот Филипче додаде дека во Охрид е завршен увидот од Државниот санитарен и здравствен инспекторат - изречени се казни на претходната директорка, на доктори специјалисти од Одделот за инфектологија, како и на самата институција. Во периодот којшто следи од неколку денови ќе се направи и стручен увид од Лекарската комора (ЛКМ), по што ќе се дискутира случајот и ќе заседава етичката комисија на Комората.
„Има пациентка од Штип којашто таму првпат била примена на 26.03, првиот брис бил негативен и тогаш била пратена на консултација и вратена назад од Скопје. Пациентката има 80 години. Се лекувала на Одделението за инфективни болести, меѓутоа има влошување на состојбата и на 30-ти е повторно упатена на Инфективната клиника во Скопје, тестот е позитивизиран. Заради внимание, четири медицински лица ќе бидат во самоизолација и тие се асимптоматски. Исто така, е направена и прераспределба на медицинските сестри, осум дополнителни ќе ротираат од други одделенија во болницата во Штип на одделението за Инфективни болести за да се надополни персоналот кој ќе биде во самоизолација“, истакна министерот Филипче.
Министерот Филипче понатаму информираше дека една медицинска сестра од Куманово која патува и е на работно место на Клиниката за пулмологија во Скопје, минатата недела била во резервниот тим во сосем добра општа состојба - без никакви симптоми дошла на работа во понеделникот и вчера почувствувала зголемена телесна температура. Земен и бил брис, истата е позитивна на вирусот. Таа за време на работниот процес во овие два дена додека била на Клиниката била со целосно заштитна опрема и маска и ракавици, меѓутоа сепак се направени интервјуа и со колегите, медицинските сестри, после што ќе се постапи согласно податоците.
„Дозволете да информирам во врска со двете родилки кои што вчера, се донесени на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК). Првата е второротка од Куманово на возраст од 27 години која од 30.03. била донесена во вечерните часови со знаци на намалена плодова вода и фетално страдание, породена со царски рез. Пациентката е спроведена и породена по патеката за изолација, заради тоа што била суспектна за коронавирусот. На тоа укажуваат и податоците од матичниот лекар, земени се брисеви, брисот е стигнат на 31.03. и тој е позитивен. Родено е машко новороденче кое е недонесено и кое во овој момент се наоѓа на интензивна нега на ГАК. Тоа е изолирано, не е на респираторна машина, туку само на кислородна покривка. И на бебето денеска ќе му биде земен брис иако консултиравме стручна литература, во многу мал број и процент на случаи има вертикален пренос од страна на мајката. Пациентката при приемот е без температура, меѓутоа укажала дека неколку дена претходно имала температура, треска, се пожалила на сува кашлица и дека член на семејството има симптоми кои може да укажуваат на инфекција со корона вирусот, затоа е постапено по сите протоколи на самата Клиника со оглед на тоа што на 31.03. се влошила клиничката слика во однос на белодробието, таа е префрлена на Клиниката за инфективни болести. Бебето и понатаму ќе биде третирано на одделот за интензивна нега на ГАК“, рече министерот Филипче и додаде дека другата родилка која што е донесена вчера во попладневните часови, на 37-годишна возраст од Охрид, со возило на брза помош била со високо фебрилна телесна температура - покачена, 39 степени и со практично констатиран мртов плод. Биле направени целосни анализи, земен е брис за коронавирусот и лекарите оперативно го извадиле плодот и од стомакот на мајката евакуиран е гној што може да е причина за фебрилноста, но во секој случај се чекаат резултатите од брисот. За време на интервенцијата се влошила состојбата, бил направен обид за реанимација, но во 22:00 часот била констатирана смрт.
Министерот Филипче изрази уверување дека ќе биде направена обдукција, дека станува збор за комплексен случај и комплексна пациентка со прекумерна телесна тежина, висок крвен притисок, тахикардија кои значајно ја отежнуваат бременоста.
„И двете родилки се третирани и е постапено според протоколот за изолација во Гинеколошко - акушерската клиника која што е институција која ги третира и породува сите родилки со оглед на тоа што во болницата „8 Септември“ каде се прават другите интервенции за пациенти суспектни или позитивни на коронавирусот нема Гинеколошко-акушерско одделение, со цел да се растерети работата на Клиниката во договор со болницата во Чаир, другите случаи по потреба се упатуваат таму за да се ослободат капацитетите. Апелирам сите пациентки кои доаѓаат на Клиниката за гинекологија и акушерство да се придржуваат до сите дадени насоки, да ги кажуваат точните информации заради тоа што тоа е исклучително битно за зачувување на здравјето на родилките и нивните новороденчиња. Целокупниот процес на раѓања е организиран, таму има и една операциона сала целосно посветена на пациентки на кои ќе им биде дијагностициран или се високо суспектни за коронавирусот со тим спремен да постапи во вакви случаи“, потенцираше министерот Филипче.
Тој додаде дека починатата жена во Лабуништа на која и е земен „постмортен“ брис е позитивна на коронавирусот. Сè уште се чека резултатот кој ќе биде готов во текот на денот на пациентот од Битола.
Во однос на породилното отсуство за мајките на кои им завршува периодов, министерот Филипче посочи дека утрово на работни состаноци со претставници на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), се дискутирало прашањето, како и на состанокот на Централниот штаб во рамките на Владата.
„Во овој момент се изработува решението кое ќе бара законска измена се со цел породилното отсуство да се продолжи, затоа што мајките на кои им завршува во овој момент не може да ги запишат бебињата во градинките. Веднаш по изготвувањето на решението ќе го соопштиме на јавноста за да се знае како треба понатаму да се постапува", рече министерот за здравство на денешната прес-конференција, каде информираше за најновата ситуација со коронавирусот.