Индиската „Мадерсон груп“ влегува на македонскиот пазар

Индиската компанија „Мадерсон груп“ денеска со поставување камен-темелник во Технолошко-индустриската развојна зона Скопје 1 го официјализираше влезот на македонскиот пазар.

Станува збор за инвестиција вредна 12 милиони евра со која треба да се обезбедат нови 140 вработувања. Планирано е на површина од 2,7 хектари да бидат изградени два производствени погона во кои ќе се произведуваат делови за ретровизори, односно во еден од објектите лимени делови за ретровизори, а во другиот стакло за ретровизори. Целото производство ќе биде наменето за европските производители на автомобили кои ќе ги добиваат готовите ретровизори претходно монтирани во фабрика на групацијата во Унгарија.

Новите објекти треба да бидат готови за една година, односно до август следната година.

Премиерот Никола Груевски, кој присуствуваше на поставувањето камен-темелник, истакна дека е гордост што во Македонија влегува голем гигант како што е „Мадерсон груп“ којшто е присутен во околу 30 земји од светот и кој успеал секаде каде што отворил фабрика.


Новата инвестиција, според Груевски, има двојно значење за Македонија бидејќи од една страна ќе обезбеди нови вработувања и можни натамошни инвестиции најавени од страна на инвеститорот, а од друга страна ќе биде одлична препорака за останатите компании од Индија како брзорастечка држава.

- Чекор по чекор со политиките на Владата за привлекување странски инвестиции оваа индустриска зона си ја добива својата физиономија. Иако пред почетокот на глобалната економска криза беа резервирани речиси 80 отсто од плацевите во оваа зона за градба на фабрики, сега, по попуштањето на светската економска криза имаме нов бран крупни компании кои се заинтересирани за инвестирање во Македонија. Така што не случајно е и доаѓањето на три последователни инвестиции во Македонија во последните месец и половина, подвлече Груевски.

Тој најави дека се во преговори и со поголема група компании кои се пред донесување на конечна одлука за инвестирање во Македонија.

Претседателот на индиската компанија Вивек Чаанд Шангал изрази надеж дека во Македонија ќе најде нов дом. Рече дека почнува со два проекта, но не ја исклучи можноста за натамошен развој.

Според вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски, денешната инвестиција е уште една потврда дека владините политики за привлекување странски инвестиции вродуваат со плод и дека Македонија е атрактивна инвестициска дестинација.

Тој појасни дека компанијата добила бенефиции во рамки на законите, односно ослободување од персонален данок за вработените во првите 10 години и од данокот на добивка, како и бенефиции за земјиштето што се користи за градба.

Директорот на Агенцијата за привлекување на странски инвестиции Виктор Мизо верува дека ова ќе биде поттик и за останатите компании не само од Индија, туку и од други држави да инвестираат во Македонија.

Претходно, во Владата на Република Македонија индиската компанија со претставници на македонските институции потпиша Меморандумот за разбирање и договори за закуп за земјиште и за доделување државна помош.

Со Меморандумот за разбирање македонската страна се обврзува да помогне во брза реализација на проектите на индиската компанија, а таа, пак, дала начелна индикација дека е заинтересирана за дополнителни инвестиции од нивното потфолио за што нема да е лимитирана само на локацијата Бунарџик.

Преговорите за инвестирање со индиската компанија траеја речиси две години, односно од октомври 2009 година. Мадеросн групацијата влегува во Македонија преку компанијата Samvardhana Motherson Reflectec (SMR).

„Мадерсон Групацијата“ е брзорастечка компанија со седиште во Индија формирана во 1975 година од страна на сегашниот сопственик и неговата мајка. Денес има над 90 производствени капацитети поддржани од центри за дизајн и канцеларии за поддршка во повеќе од 21 земја. Групацијата има над 40.000 вработени.

Ова е прва индиска инвестиција во Македонија од вкупно шесте инвестиции во ТИРЗ Скопје, а трета по завршувањето на предвремените парламентарни избори во Македонија. Досега, во ТИРЗ Скопје 1 имаат инвестирано американската „Џонсон контролс“, британската „Џонсон Мети“, италијанската „Технокозе“, американската „Кемет електроникс“ и руската компанија „Продис“, дел од фармацевтскиот холдинг „Протек груп“.