Македонија да ја добие заслужената одлука за старт на преговорите, побара Попоски од ЕУ амбасадорите
Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска одржа работен појадок со амбасадорите на земјите-членки на Европската унија во Република Македонија.
На средбата, како што соопшти Министерството за надворешни работи, Попоски ги реафирмирал аргументите за што побрзо отворање на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, подвлекувајќи ги евидентните заеднички придобивки од почетокот на овој процес, како за Македонија, така и за ЕУ, вклучително и Грција. Тој побарал поддршка од амбасадорите, односно од земјите-членки што тие ги претставуваат за што поскоро донесување на заслужената одлука за старт на преговорите од страна на Советот на ЕУ, за време на данското претседателство, а согласно неколкупати повторените препораки на Европската комисија и Европскиот парламент.
Попоски се осврнал на претстојното почнување на пристапниот дијалог на високо ниво меѓу Владата на Република Македонија и Европската комисија, на 15 март 2012 година во Скопје.
- Очекуваме пристапниот дијалог да ја подигне видливоста на перспективата за членство на Македонија во ЕУ и да придонесе за динамизирање на напредокот на нашата држава во пристапниот процес, подвлече шефот на македонската дипломатија.
Пристапниот дијалог, како што е наведено, во оваа фаза ќе се фокусира на пет тематски области: владеење на правото, реформа на јавната администрација, слобода на изразување и медиуми, реформа на изборниот процес и економски критериуми за функционална пазарна економија. Предвидено е пристапниот дијалог да се одвива на две нивоа – на високо политичко ниво, под ко-претседателство на премиерот Никола Груевски и комесарот Штефан Филе, и на експертско ниво.
Говорејќи за состојбите во регионот на Балканот, министерот Попоски ја истакнал важноста на перспективата за членство во ЕУ и потребата таа да се одржува силна, визибилна и кредибилна. Од суштинско значење за тоа е доследно да се почитува принципот на вреднување според заслуги и на земјите аспиранти кои испорачале напредок во исполнувањето на копенхашките критериуми да им се овозможи да напредуваат на патот кон членство во ЕУ. Македонија, како и досега, ќе продолжи со проактивниот и конструктивен придонес за унапредување на регионалната соработка, во духот на добрососедските односи и пријателство, се вели во соопштението на МНР.