Заштитна опрема за здравствените работници има доволно, во тек е набавка на дополнителни количини

Министерството за здравство најостро ги осудува паушалните обвинувањата изнесени од страна на г. Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ за недостаток на заштитна опрема за медицинските лица во здравствените установи со кои се шири непотребна паника без изнесени факти.

Министерството за здравство повторно информира дека опрема има доволно во резервите на Министерството кои се доставуваат на редовна основа по барање на секоја здравствена установа.

Заради проверка на користењето на заштитната опрема од страна на Министерството за здравство беше инициран и инспекциски надзор кој е спроведен од 30-ти март до 5-ти април во 79 јавно-здравствени установи и во 12 во приватни установи. Направен е увид во однос на опременоста, количината на заштитни маски, ракавици, капи, мантили за еднократна употреба, визири и калјачи,  сè  што се користи за пристап кон пациенти на соодветно ниво на здравствена заштита. Констатирани се доволни количини, како и средства за дезинфекција на работни површини и дезинфициенци за раце.

При инспекциските надзори од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат не се констатирани неправилности по однос на користење на личната заштитна опрема од страна на здравствениот персонал.

Дополнително на опремата која ја има Министерството за здравство, добиени се донации во заштитна опрема и тоа во големи количини – повеќе од 1 милион парчиња заштитна опрема од различен вид. 

Дополнително во тек е набавка за дополнување на овие количини за што е распишана покана за јавна набавка објавена на веб страницата на Министерството за здравство и тоа за: 12.000 маски N95 или сличен стандард, 20.000 скафандери, 500.000 хируршки маски, 5.000 визири и 1.200 гумени скафандери. 

Здравството и здравствените работници се клучниот столб во државата и го носат најголемиот товар за да му помогнат на населението, и токму затоа треба да внимаваат и на себе, а Министерството за здравство обезбедува заштитна опрема за јавно здравствените установи и продолжува да го прави тоа во континуитет. Министерството обезбеди заштитна опрема и за матичните лекари кои ги вклучи во системот на детекција и следење на пациенти заболени од коронавирус.