Владата на Република Северна Македонија ja донесе Уредбата со законска сила за определување на висината на платата на избраните, именуваните и назначените лица во јавниот сектор за време на вонредна состојба.
Одредбите од оваа уредба со законска сила се однесуваат на избраните и именуваните лица во јавниот сектор, и тоа на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија, Претседателот на Република Северна Македонија, функционерите кои ги именува Претседателот на Република Северна Македонија, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, функционерите и лицата кои ги избира или именува Собранието на Република Северна Македонија, претседателот на Владата на Република Северна Македонија и избраните и именуваните лица од Владата на Република Северна Македонија, градоначалниците и лицата кои остваруваат право на плата по престанувањето на функцијата, согласно Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, именувани лица од Владата на Република Северна Македонија кои остваруваат право на плата согласно Одлуката за утврдување на коефициенти за пресметување на платата на функционерите кои ги именува Владата на Република Македонија.
Со одредбите од оваа Уредба се опфатени и претседателите и членовите, односно лицата кои раководат со регулаторно тело, лицата кои раководат со институциите кои вршат дејности од областа на образованието, културата, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, и во институциите кои вршат работи од јавен интерес утврден со закон, а се организирани како агенции, фондови, правни лица на кои им е доверено вршење на јавно овластување, јавни установи, јавните претпријатија основани од Република Северна Македонија или од општините, од Градот Скопје и од општините во Градот Скопје и акционерските друштва во целосна сопственост на државата.
Одредбите од оваа уредба со законска сила се однесуваат и на назначените државни секретари, генерални секретари, секретарот на Градот Скопје и секретарите на општините, кои остваруваат право на плата согласно Законот за административни службеници.
Одредбите од оваа уредба со законска сила се однесуваат и на избраните судии кои остваруваат право на плата согласно Законот за платите на судиите и на избраните јавни обвинители кои остваруваат право на плата согласно Законот за платите на јавните обвинители.
Согласно оваа Уредба на избраните, именуваните и назначените лица утврдени во Член 2, за месеците април и мај 2020 година им се исплатува плата во висина на минимална плата утврдена за месец декември 2019 година во Република Северна Македонија, во износ од 14.500 денари.
Заштедата по основ на оваа Уредба со која се опфатени 1.165 функционери и 895 директори на втора линија буџетски корисници и на институции кои се финансираат преку блок дотации изнесува околу 240 милиони денари за 2 месеци.
Целта на донесената Уредба за определување на висината на платата на избраните, именуваните и назначените лица во јавниот сектор на минимална плата во износ од 14.500 денари е обезбедување на средства за имплементација на економските мерки донесени од страна на Владата на Република Северна Македонија за справување со кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот КОВИД-19.