Паралелки за фудбал, кошарка, ракомет и тенис од учебната 2012/2013 година

Министерството за образование и наука, Агенцијата за млади и спорт (АМС) и националните федерации за фудбал, кошарка, ракомет и тенис со меморандум се обврзаа да соработуваат за воведување паралелки за овие спортови во Државното училиште за физичка култура „Методија Митевски-Брицо“ во Скопје, од учебната 2012/2013 година.

Меморандумот за отворањето спортска академија го потпишаа министерот Панче Кралев, директорот на АМС Лазар Поповски и претставниците од федерациите Харалампие Хаџи Ристевски, Даниел Димевски, Марјан Начевски и Зоран Шевченко.

- Целта на овие паралелки ќе биде натамошно градење на спортската култура и спортскиот дух во македонското образование. За нив ќе има посебни програми изработени од Бирото за развој на образованието и ќе бидат дел од редовниот образовен процес, со специјални наставни програми и спортски активности, рече министерот Кралев.

Ќе биде распишан конкурс и стручни екипи од федерациите ќе избираат ученици кои сакаат да бидат дел од паралелките. Втората селекција на кандидатите ќе ја прават истакнати спортисти од регионот што за финалниот избор ќе бидат поканети во Македонија. За учениците надвор од Скопје ќе биде обезбеден превоз и сместување во ученичките домови.

Директорот на АМС Поповски истакна дека наставната програма ќе биде флексибилна и со сите услови, не само за училишните, туку и за спортските активности.

- Со овој проект Република Македонија почнува да гради модел на спортист препознатлив по начинот на игра. Целта ни е да имаме македонски начини на играње фудбал, кошарка, ракомет и тенис. Учениците ќе бидат воспитани во духот на олимписките вредности и идеали, личности кои ќе знаат да почитуваат, да соработуваат и кои  цел свој живот ќе постигнуваат успеси во секое поле. Наша заложба ќе биде тие да бидат дел од македонските национални репрезентации и цел живот да останат во спортот, рече Поповски.

Во име на спортовите се обрати претседателот на Кошаркарската федерација на Македонија Даниел Димевски, кој истакна дека е задоволен што спортот го наоѓа вистинското место во државата и дека тоа се должи и на резултатите што ги постигнува.

- Тоа создаде и обврска да го одржиме на врвот и да го подигнеме уште повеќе. Со академијата се создаваат извонредни можности за врвни  спортисти какви што бара модерната технологија на спортот - тренирање најмалку двапати дневно, индивидуи со високи човечки квалитети и потенцијални интелектуалци кои не би требало да го запостават образованието посветувајќи се цел ден на спортот. Тие ќе можат паралелно и квалитетно да се образуваат во идни, добри граѓани на оваа држава. Академијата треба да ја исполни таа цел, а ние, федерациите, ќе учествуваме во градењето на овој проект во зародиш, истакна Димевски.