Груевски: Дијалогот на високо ниво со ЕУ извонредна можност за Македонија
Претседателот на Владата Никола Груевски оцени дека со дијалогот на високо ниво со ЕУ, што започнува на 15 март во Скопје, е една извонредна можност за Македонија, што подолг период ја посакува, особено во време кога сме спречени да ги започнеме преговорите со Унијата.
- Многу сум среќен што минатата година во Охрид се доворивме со претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо и со еврокомесарот за проширување Штефан Филе, додека да се расчистат работите поврзани со нашата блокада од страна на нашиот јужен сосед треба да отпочнеме еден процес којшто земјата реално ќе ја придвижи. Реалното придвижување ќе значи дека оној момент кога ќе се откочи процесот и ќе треба да започнат преговорите најголем дел од тоа што ќе треба да се преговара и да се исполни, ќе биде веќе можеби завршено. Нашата цел е да не стоиме во место, рече премиерот.
Груевски, кој ќе го предводи македонскиот тим, рече дека за време на дијалогот ќе бидат отворени можеби најважните теми и оти од ЕУ Македонија очекува и нови идеи и помош да ги динамизираме реформските чекори во тој правец за да ја подобриме целокупната слика, но и животот на граѓаните.