„Вчера за првпат имав прилика да ја претставувам нашата држава во својство на полноправна членка. 30 министри за одбрана заедно со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и претставници на Воениот комитет на НАТО, разговаравме за тоа како земјите членки на НАТО се справуваат со пандемијата, но и на кој начин НАТО помага во таа операција и на кој начин може повеќе да се мобилизира на истата тема“, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска на денешната прес-конференција по повод вчерашниот состанок на министрите за одбрана на НАТО одржан преку телеконференциска врска.
Шекеринска рече дека добила честитки од министрите за членството во Алијансата и дека се заблагодарила на поддршката и на помошта што нашата земја ја добива во кризата со коронавирусот од САД, Турција, Норвешка, Холандија, Словенија,. Унгарија, Велика Британија, Чешката Република и Бугарија .
„Во исто време ова беше шанса да ја испратиме пораката дека не сме држава која само чека помош туку сме и држава која што има капацитет и да понуди помош и ги понудивме нашите медицински капацитети за соработка со КФОР кој што практично добива целосна логистичка поддршка и досега од нашата држава“, истакна Шекеринска.
На состанокот министерката размени искуства со останатите земји во борбата со коронавирусот. „Ме радува фактот што видов дека одговорот на сојузничките армии за справување со пандемијата со широк спектар на активности е речиси идентичен на начиниот на кој ја ангажиравме нашата Армија за поддршка на цивилните власти“, рече Шекеринска.
„Прво, помош во контрола на границите, поставување и чување на контролни точки на влез и излез во одредени градови или општини, и обезбедување на критичната инфраструктура и виталните објекти, поставување на полски болници како нашата што ја поставивме до Инфективната клиника и користење на воените медицински капацитети во поддршка на цивилните здравствени капацитети. Обезбедување на специјализирани тимови за билошка и хемиска одбрана за вршење на дезинфекција, обезбедување на инженериски градежни услуги како што нашите инженериски екипи го правеа во Универзитетската клиника и Инфективната клиника“, посочи министерката.
Шекеринска најави дека од денеска припадниците на Армијата ќе бидат во зголемен обем и во единиците на локална самоуправа во сите општини каде што таа помош беше побарана. „Можам да најавам дека припаднците на Армијата ќе бидат дополнително ангажирани во Скопје, Тетово, Гостивар, Дебар, Струга, Охрид, Струмица, Куманово, Битола, Прилеп, а во текот на денешниот ден разговараме и со општина Центар, Велес, Кавадарци и Росоман. Очекуваме ваквото поголемо присуство и учество да им помогне и на општините, но и на МВР да се справат со спроведување на сите мерки за заштита“, рече Шекеринска.
„Имаме тешка задача да останеме дома во овие тешки и празнични моменти, но овие три дена седење дома ќе значат спасување на десетици и стотици животи и ќе ни помогнат час поскоро да се вратиме во нормала во следниот период“, истакна министерката Шекеринска.