Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, во видео обраќање по препораката на епидемиолозите да оди во домашна изолација истакна дека Владата ќе функционира непречено и сите работни обврски како премиер ќе ги извршува од својот дом.
Премиерот Спасовски на градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски, кој има позитивен резултат на тестот за коронавирус, му посака успешно закрепнување и добро здравје.
Воедно во пресрет на Велигденските празници, премиерот Спасовски упати апел до граѓаните сите да покажеме одговорност и да ги почитуваме препораките со цел да се спречи ширењето на коронавирусот.
Во продолжение, го пренесуваме интегралниот текст од обраќањето на премиерот Спасовски:
Почитувани граѓани,
По веста дека градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски има позитивен резултат на тестот за коронавирус, а со оглед на фактот дека вчера имавме средба на заедничкиот состанок на општинскиот кризен штаб, во насока на почитување на препораките на епидемиолозите – јас одам во домашна изолација.
На градоначалникот Димитриевски му посакувам успешно закрепнување и добро здравје.
Од мојот дом непречено ќе ги извршувам сите мои работни обврски како премиер.
Владата ќе функционира непречено, преку интернет конференциската врска и ќе ги извршуваме секојдневно обврските и приоритетите во овие вонредни услови. Кризниот штаб и Владата, како и во изминатите денови ќе се состануваат секој ден, преку видео врска.
Почитувани,
Ширењето на коронавирусот ни е во рамки на очекуваното. Анализата покажува дека земјата ни се движи според проектираното контролирано сценарио, без екстремно висока експанзија на новозаболени. Од друга страна, расте бројот на излечени. Пред два дена сите се израдувавме, имавме 42 оздравени наши граѓани само во еден ден.
За ја задржиме постоечката контрола врз ширењето, и за да дојдеме до моментот кога бројот на излечени ќе станува поголем од бројот на новозаболени, мора секој од нас да даде придонес.
Потребен е сериозен и одговорен однос од секој од нас. Само така ќе успееме.
Нема простор за импровизации, ниту за пропусти.
Физичката дистанца од два метри сите да ја разбереме како правило. Не е тешко. Отстапете два чекори од лицето до вас или побарајте другите да го направат тоа. Нема лутење, за здравјето се работи. За животот ваш, наш, мој, твој, за животот за сите граѓани се работи.
Во пресрет на Велигденските празници, да покажеме сите ние одговорност, смиреност и да ги обезбедиме неопходните намирници и потреби за периодот кога целосно ќе се ограничи движењето од петок во 16 часот до вторник до 5 часот наутро.
Да го направиме тоа во достоинствен ред. Со два метри дистанца од секого. А, маркетите и другите продавници задолжително да се погрижат за редот и дистанцата. Маркетите се добро снабдени, секој ќе може да го набави потребното. Само трпение, дистанца и почит кон другите. Тоа ќе ни донесе здравје.
Почитувани граѓани,
Мерките важат за сите. Ама за сите. Не смее и нема да има привилегирани. Нема да отстапиме ни педа. Забраната за движење е забрана за сите. Забраната за групирање е забрана за сите.
Здравјето и животот, тие се единствените причини за овие забрани. Забраната за движење и за групирање значи и забрана за неконтролирано ширење на вирусот.
Свесен за сите дилеми кои деновиве се отворија околу начинот на практикување на верата среде криза и за време на Велигденот, ве уверувам – има начин. Целиот свет поинаку го чествува Велигден оваа година. Исто ќе биде и кај нас. Ќе се помолиме во домовите, во најтесниот круг на семејството, наместо во храмовите. Во храмовите ќе бидат свештениците и тие од таму ќе ги пратат своите пораки и молитви. А ние, мора да останеме во домовите. Нема импровизации со оваа работа. Тој што ќе отстапи го загрозува своето здравје и здравјето на своите блиски. Тој што ќе отстапи и ќе се однесува несериозно, загрозува живот. Да не си играме со здравјето и животот.
Почитувани граѓани,
Сите вие знаете дека ова можеме да го изведеме. Со верба, со внимателност, со трпение и со одговорност. Ајде да ја завршиме заедно оваа работа што поскоро, за да дојдат моментите на стабилизирање и намалување на рестрикциите.
Да, животот се промени, но така е во целиот свет. Да го прифатиме овој предизвик и да го решиме со успех.
Чувајте се, држете дистанца и останете дома и во добро здравје.