Доделени првите 40 решенија за национални пензии во културата
Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски денеска ги додели првите 40 решенија за национални пензии во согласност со измените на Законот за културата.
Доделувањето на пензиите каде присуствуваше и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска е потврда на грижата за уметничките вредности на делата создавани од македонските културни творци кои овозможија нашата земја да биде дел од светската културна ризница.
Премиерот Груевски во своето обраќање пред присутните рече дека денешниот настан е за да и се погледне во очи на историјата, да се надополни она што било пропуштено во минатото, да се постават границите на сегашноста и да се задолжи иднината.
- Денеска сме тука за да говориме за почитта, за признанието и за вниманието кое го добиваат врвните културни дејци во македонското општество. Вашите дела се врежани во многу македонски книги, ликовни дела, новинарски текстови, театарски и балетски претстави, многу песни и легендарни стихови. Вашите успеси се поткрепени со многу награди и признанија, а маркантен е придонесот кој сте го дале во градењето на културниот мозаик во Република Македонија, истакна Груевски.
Со овој гест, како што додаде, се искажува должната почит кон македонските врвни културни работници, а воедно се покажува и вистинскиот пат за сите идни генерации кои што ќе се определат за уметноста и културата.
Министерката Канческа-Милевска нагласи дека денеска со „многу малку“ им се возвраќа на уметниците за нивното непроценливо „многу“, но истовремено се прават и големи чекори во историската потреба за валоризирање на трудот на уметниците.
- Да се биде уметник кој го дарил поголемиот дел од својот животен век на Република Македонија не е само чест, од денеска е и искрено возвратено задоволство. Со националните пензии и со титулата национален уметник, македонските етаблирани уметници кои се хроничари на нашето време, во чие што творештво се прекршуваат нашето минато, сегашност и се определува нашата иднина добиваат признание какво што им доликува, рече Канческа-Милевска.
Уметниците сметаат дека ваков вид признанија конечно требале да се случат, бидејќи сите работат со голем труд и вложувања во уметноста.
Композиторот Александар Џамбазов, еден од добитниците на националната пензија во знак на благодарност рече дека ова е историски ден за културните работници, мал чекор за човештвото, но голем за нив.
- Пред неколку години се собравме колеги и пријатели од разни дејности од областа на културата, разговаравме на оваа тема и извшивме консултации со државите од Балканот по што баравме прием кај министерката која покажа желба и волја да им излезе во пресрет на овие луѓе со најголемите државни одличја, рече Џамбазов, објаснувајќи ја иницијативата за почеток на целокупниот проект.
Измените на Законот од 1 јануари годинава ја отворија можноста уметниците и другите стручни работници од областа на заштитата на културното наследство, кои се добитници на наградите „11 Октомври“, „Св. Климент Охридски“ и „23 Октомври“ за долгогодишни остварувања во културата или за животно дело, да имаат право на месечен надомест од Министерството за култура во висина на разликата меѓу пензијата што ја остваруваат и највисоката пензија во Република Македонија.