Владата го одржува нагорниот тренд на Северна Македонија на листата за слобода на медиумите на „Репортери без граници“, владиното рекламирање е целосно укинато во 2017 година

Република Северна Македонија и оваа година се искачи повисоко на Светската листа на слободата на медиумите што секоја година ја објавува „Репортери без граници“. Оваа година нашата земја е на 92 место, што е за три места повисоко од позицијата на која беше минатата година кога беше на 95 место, односно кога постигна скок повисоко за 14 места од претходниот период.

Во извештајот за оваа година се истакнува дека повисокото место на Северна Македонија на Светската листа на слободата на медиумите е резултат и на самоорганизирањето на медиумските организации кои во меѓувреме го донесоа Регистарот на професионални онлајн-медиуми. Владата го поздрави создавањето на регистарот на онлајн медиуми, а денес истиот го смета за меродавен за дефинирање на професионалните медиуми. 
 
Дополнително, како причина за скокот се наведува напредокот и во однос на условите за работа на новинарите и утврдени во Повелбата за услови за работа за новинарите, како и нацрт фер-договори за вработување во дигиталните медиуми промовирани од Независниот синдикат на македонски новинари и медиумски работници (ССНМ) во соработка со ЗНМ и СЕММ, кои се однесуваат на почитување на работнички права, слободата на изразување, како и етички и професионални стандарди на сите новинари и медиумски работници.

По однос на написите или толкувањата на извештајот во делот на владино рекламирање, Владата потенцира дека владиното рекламирање кое претходната власт го користеше за влијанија врз медиумите е целосно стопирано уште во 2017 година и дека од тогаш до денес не постои владино рекламирање во медиумите.

Дополнително, ја потсетуваме јавноста дека реформите на националниот радио-телевизиски сервис и на регулаторното радиодифузно тело не се реализирани исклучиво поради блокадите од страна на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на РСМ.

Владата на Република Северна Македонија, како и до сега, сите следни чекори за медиумски реформи ќе ги носи во широка консултација со медиумските експерти од медиумската сфера.

Владата на Северна Македонија со должно внимание ги зема предвид укажувањата на „Репортери без граници“, и ќе продолжи, во соработката со медиумските организации и со медиумите, да создава услови за натамошни подобрувања кои ќе бидат од придонес за одржување на нагорниот континуитет во освојувањето на повисоки места на Светската листа на слободата на медиумите на „Репортери без граници“.