На денешната 46-та седница Владата на Република Северна Македонија донесе Уредбата за примена на Законот за данокот на додадена вредност за време на вонредна состојба.
Со оваа уредба се продолжува рокот за поднесување на образецот ДДВ-04 како и за плаќање на данокот на додадена вредност, за периодот од 01.02.2020-29.02.2020 година, заклучно со 30 април 2020 година.
Оваа уредба овозможува и продолжување на рокот за поднесување на образецот ДДВ-04 како и за плаќање на данокот на додадена вредност за период 01.03.2020-31.03.2020 и за период 01.01.2020 – 31.03.2020 година, заклучно со 30 април 2020 година.
Со уредбата се продолжува и рокот за поднесување на образецот ДДВ-04 и за плаќање на данокот на додадена вредност за период 01.04.2020-30.04.2020 година, заклучно со 31 мај 2020 година.
Владата ја донесе и Уредбата за примена на Законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физичките лица за време на вонредна состојба, со која се утврдува можност за донирање на остварениот поврат од данокот на додадена вредност за кој физичкото лице има право преку проектот „МојДДВ“ во Буџетот на Република Северна Македонија поради справување со последиците предизвикани од коронавирусот.
Физичките лица корисници на апликативниот софтвер за пријавување на податоците од фискалната сметка изготвен во мобилна верзија ќе имаат можност да изберат да го донираат остварениот износ од данокот на додадена вредност за кој имаат право на враќање.
За остварениот износ за поврат на ДДВ во првото тримесечје во оваа година, граѓаните ќе имаат можност да изберат опција за донирање на дел од данокот на додадена вредност за кој имаат право на враќање, најдоцна до 5-ти мај 2020 година.
Владата денеска донесе одлуката со која се дозволува извоз на економските оператори и производители од Република Северна Македонија на средства за дезинфекција: сапуни со или без површинско активни средства со дезинфициенси, препарати (за миење, перење, чистење и гелови) на база на површинско активни средства, тоалетни препарати со дезинфекциони средства, како и неденатуриран етилалкохол со содржина на алкохол 80%, при што при секој извоз кон царинската декларација се приложува Изјава од извозникот и производителот дека одреден процент од овие средства остануваат како задолжителна залиха за потребите на домашниот пазар.
Владата на оваа своја седница донесе и дополнување на Уредбата со законска сила за ограничување на исплата на додатоци и надоместоци на плата за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба се утврдува дека ограничувањата важат за месеците април и мај и во членот 2 се додава нов став која определува дека на вработените од јавниот сектор на кои им се исплатува плата согласно закон и колективен договор, правото на додаток за работен стаж, додаток за ноќна работа, надоместок на плата за време на привремена спреченост за работа поради болест или повреда, надоместок на плата поради користење на годишен одмор, надоместок на плата за ден на државен празник и неработен ден утврден со закон, одвоен живот од семејството (освен за пратениците), надоместок на трошок за смрт на работникот или член на неговото семејство, отпремнина при заминување во пензија, го остваруваат и се исплаќа и за време на траењето на вонредната состојба за месец април и мај.
Во членот 3 од оваа уредба, за категориите кои се изземаат од оваа уредба, се додаваат и високообразовните установи и јавните научни установи, инспекторите вработени во Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Државниот инспекторат за транспорт, Агенцијата за лекови и медицински средства и Агенцијата за храна и ветеринарство.
Владата ја разгледа и ја усвои Информацијата за приредување на интернет игрите на среќа во време на вонредна состојба и ја донесе Уредбата со законска сила за примена на Законот за игри на среќа и забавните игри за време на вонредна состојба.
Со оваа уредба се обезбедува можност за наплата на приходи во Буџетот кои до донесувањето на одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на коронавирусот, се генерираа од обложувалниците, автомат клубовите и казината и кои престанаа да се наплатуваат бидејќи на 15 март 2020 година приредувачите на овие услуги ги затворија сите уплатно исплатни места и деловни простории во кои ги приредуваат игрите на среќа.
Со уредбата им се овозможува на економските оператори што организираат игри на среќа да ја продолжат онлајн (преку интернет) својата дејност, со што се создаваат услови да се сочуваат 7500 работни места во оваа дејност.
Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата со предлог за усогласување со Привремената рамка на Европската комисија за мерки за државна помош за поддршка на економијата за време на појавата на КОВИД-19.
На оваа своја седница, Владата донесе изменување и дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за социјална заштита за време на вонредна состојба.
Со оваа уредба се олеснува пристапот на материјално необезбедените домаќинства до правото на гарантирана минимална помош и се овозможува остварувањето на паричен додаток заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенси во домаќинството и во месеците од април до септември 2020 година.
Надоместок заради попреченост и надоместок за помош и нега од друго лице, се продолжува врз основа на наодот и мислењето од надлежната комисија за време на траење на вонредната состојба, како и два месеци од денот на престанок на вонредната состојба.
Воедно се овозможува стручните лица даватели на јавни услуги, вработени во јавни и приватни установи за социјална заштита и кај други даватели, да вршат стручна работа во дејноста социјална заштита за време на траење на вонредната состојба.
Согласно новото време за ограничено движење Владата денеска донесе измени во однос на отстапките за граѓаните што имаат домашни миленици (куче), според што од понеделник до петок може да ги изнесуваат надвор од своите домови во временскиот период пред започнување на забраната и посебниот режим на движење, односно до 19:00 часот.
Во сабота домашните миленичиња може да се изнесуваат во времетраење од 30 минути, во вечерните часови, односно од 20:00 часот до 20:30 часот, а во недела наутро од 8:00 часот до 8:30 часот, попладне од 15:00 до 15:30 часот и во вечерните часови од 20:00 часот до 20:30 часот.
Притоа, како и до сега, ова е дозволено граѓаните да го прават најмногу до 100 метри од објектот во кој живеат и да го задржат минимум потребното растојание од останатите лица и да не се групираат.
Извадок од Нацрт – записникот од 46-та седница на Владата на Република Северна Македонија, Точка 1
Извадок од Нацрт – записникот од 46-та седница на Владата на Република Северна Македонија, Точка 2