Попоски: Грција објективно нема никаков интерес да ја држи Македонија надвор од НАТО и ЕУ
Приоритет за Република Македонија е членство во НАТО и во ЕУ, затоа што тоа ни дава определена сигурност, им дава позитивен сигнал на инвеститорите и ќе ни овозможи на подолг рок да се справуваме со одредени прашања, и сето тоа без да имаме никакви илузии дека членството решава се.
Ова се главно заклучоците од македонската дипломатија по повод актуелни прашања и последните официјални и работни средби, кои денеска ги презентираше пред новинарите министерот за надворешни работи Никола Попоски.
Нашиот најголем аргумент, смета тој, е дека ние сме фактор што придонесува за стабилност и за просперитет во регионот. Со членството во НАТО и во ЕУ, според него, се праќа и силен сигнал од аспект на стабилноста и долгорочноста на предвидливоста за иднината за регионот.
- Се уште немаме најдено ниту еден валиден аргумент зошто не треба да станеме земја членка на НАТО, а имаме релативно чиста ситуација од аспект на исполнети критериуми. Очекувањата во однос на ЕУ, се за можност да се повтори препораката, како и претходните три последователни препораки, за почеток на преговорите, а во меѓувреме да продолжи континуираниот напредок во македонското европско досие, рече шефот на дипломатијата.
Во овој момент, потенцира, надвор од Република Грција никој нема дилеми за придобивките од нашето членство во НАТО и од почетокот на преговорите со ЕУ.
Македонија и по однос на членството во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ наидува на блокада од страна на Грција, a се уште нема официјален став од Атина за нивната перцепција за Хашката пресуда. За поздравување е, посочуваат од МНР, меѓу другото првата средба на премиерите на Македонија и на Грција Никола Груевски и Лукас Пападимос, иако таа можеше да се случи многу побрзо. На новинарско прашање дали може да се согледа некаква разлика во пристапот на Јоргос Папандреу и на Пападимос по ова прашање, од МНР нагласуваат дека за Македонија клучно е дали ќе се дојде до решение односно дали ќе ни се овозможи да ги оствариме стратешките приоритети.
- Не можеме да говориме за предлог во фаза кога ние сме среќни што воопшто има некаков одговор. Грција во моментот тотално е преплавена со должничката криза, вели Попоски, додавајќи оти ситуацијата таму не не охрабрува. Извесно е дека изгледите и очекувањата се на релативно ниско ниво, појаснува, но придобивката и позицијата на Македонија е поразбирлива со оглед на фактот што сите карти на кои би играле во деструктивност се извлечени од игра. Сепак, подвлекува, не смееме да влеземе во игра која можеби и од одговара на Грција во моментот, игра на двајца деструктивци. Грција, истакна, објективно нема никаков интерес да ја држи Македонија надвор од НАТО и од ЕУ, мотивацијата е главно на база на инерција и не можат да излезат од замката во која се навлезени.
Се соочуваме со ситуација, констатира шефот на македонската дипломатија, кога Грција прави еднострана суспензија на Времената спогодба. Македонија останува целосно посветена во процесот под ОН и е отворена да и овозможи на Грција да биде конструктивна и со она што ни стои на располагање да се постигне исчекор, пред да се размислува за кој било нареден чекор.
- Самитот на НАТО во Чикаго не е наша клучна временска одредница. Важно е дека ние го имаме испорачано целиот пакет потребен за членство и од тој аспект Грција има должност и кон меѓународно правната рамка и кон улогата која ја игра како регионален актер за да придонесе кон зголемена стабилност на регионот, рече Попоски. Целта на Македонија, дециден е тој, не е да биде предизвикан консензусот како правило за носење одлуки во НАТО, туку, истиот да се води од некои клучни придобивки односно за постигнување повисок интерес на Алијансата. Македонија е за консензус, но консензус во интерес на НАТО, а не, како што рече, за штетно дејствување на една земја членка.
Евроатлантското семејство, оценува, повеќе треба да се фокусира на долгорочна стратегија за регионот, а не само, како досега да се врши менаџирање со кризи. Сега, укажува Попоски, има одлична можност да се покаже проактивен пристап и поголема посветеност по одредени прашања.